четврток, септември 24, 2026
Дома СВЕТ Макрон: Русија е се поблиску, Франција е подготвена за сè

Макрон: Русија е се поблиску, Франција е подготвена за сè

0
Фото: EPA/Manon Cruz / POOL MAXPPP OUT

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска изјави дека Русија ги интензивира непријателските активности против Европа, истакнувајќи дека Франција мора да биде подготвена за безбедносни закани што еволуираат.

Во исто време, тој ги демантираше извештаите дека ЦИА предупредила на можен руски напад со беспилотни летала врз Европа.

„Можеме да ја демантираме таа информација; ЦИА не издаде такво предупредување. Но, да, ситуацијата станува сè понапрегната“, рече Макрон во интервју за телевизиските канали TF1 и France 2, нагласувајќи го зголемувањето на непријателските активности насочени кон Украина и европските земји.

Макрон изјави дека постои можност Франција да биде цел на обид за руски напад сличен на оној на аеродромот во Лајпциг, пренесува „Ле Фигаро“.

На прашањето дали Франција би можела да биде цел на руски напади со беспилотни летала, Макрон одговори потврдно.

„Русија ја гледа Европа како стратешка длабочина на Украина. Со години сме под напад на сите фронтови“, рече францускиот претседател, додавајќи дека тензиите се зголемуваат во последните недели.

Макрон истакна дека досега во Франција немало напади како оние што се случија во Лајпциг, но нагласи дека земјата се подготвува за промена во безбедносната ситуација.

„Мораме да бидеме реалистични во однос на заканата што се менува и мораме да се подготвиме“, рече тој, напоменувајќи дека Франција ги засилила заштитните мерки за цивилните и воените објекти, како и капацитетите за спротивставување на дезинформациите. Макрон исто така изјави дека Русија веројатно се подготвува за мобилизација, истакнувајќи дека јавно се спомнува бројка од околу 300.000 војници.

Тој најави и потпишување договор со украинскиот претседател Володимир Зеленски за дополнителна испорака на радари и ракети за Украина, опишувајќи го тоа како „конкретна“ помош.

Зборувајќи за можниот крај на војната во Украина, Макрон рече дека е предложено истовремено запирање на нападите врз енергетската инфраструктура и нападите во Црното Море.

„Предложивме заеднички мораториум. Минатата година Украина ја помина зимата во студ, а сега Русите го прават истото“, рече Макрон.

Осврнувајќи се на растот на цените на горивото, францускиот претседател рече дека владата се труди да спречи недостиг и дека земјата обезбедила доволни залихи.

„Направивме сè за да обезбедиме доволно гориво. Презедовме сè што е неопходно и располагаме со резерви“, изјави Макрон, додавајќи дека Франција планира да ангажира воени капацитети за да обезбеди премин за бродовите загрозени од блокадата на пристапот кон Црвеното Море.

Макрон оцени дека евентуалната одлука на САД да го забранат извозот на дизел би била „лоша“ – вклучително и за самите Соединети Држави – и додаде дека таквата одлука би довела до раст на цените.

Во однос на цените на горивото во Франција, Макрон изјави дека негов приоритет е намалувањето на цените, а не намалувањето на даноците. „Наш приоритет е прво да ги намалиме цените, а дури потоа да размислуваме за даноците, бидејќи во спротивно даночните обврзници би ги сносиле последиците“ од меѓународната криза, рече Макрон.

Тој додаде дека владата ќе преземе мерки доколку цените продолжат да растат, истакнувајќи дека енергетската компанија „Тотал“ (Total) се согласила да воведе горна граница за цените на горивото на своите бензински станици.

„Ќе продолжиме да го бараме тоа од нив – како и максимални напори“, рече Макрон, додавајќи дека прашањето за дополнителен придонес од „Тотал“ ќе се разгледува за време на расправата за буџетот, пренесе „Танјуг“.

ИЗДВОЕНИ