Францускиот претседател Емануел Макрон на почетокот од својата посета на Киев изјави дека Украинците се спротивставуваат со „восхитувачка храброст“ повеќе од три години за својата земја, слобода и Европа, нагласувајќи дека безбедноста на целиот европски континент е загрозена од оваа војна, пренесе Хина.
„Нашиот одговор мора да биде колективен“, рече Макрон на мрежата X, нагласувајќи дека Франција дејствува заедно со Германија, Полска и Велика Британија.
Тој презентираше три клучни пораки – мир, суверенитет и иднина.
Макрон рече дека праведен и траен мир мора да започне со целосен и безусловно прекин на огнот, што, како што изјави, е предлог што Франција го спроведува заедно со Соединетите Американски Држави.
Според него, Украина го прифатила овој предлог уште на 11 март, додека Русија „одложува, поставува услови и ја продолжува инвазијата“.
„Доколку Москва продолжи да го прави тоа, ние ќе го зголемиме притисокот – како Европејци и во тесна координација со Соединетите Американски Држави. Го поздравуваме повикот на претседателот (САД Доналд) Трамп да го преземе овој чекор“, рече францускиот претседател.
Зборувајќи за суверенитетот, Макрон рече дека мировниот договор што се гради мора да ја гарантира безбедноста на Украина и дека на ова се работело за време на состаноците во Париз, Лондон и Киев.
Конечно, тој ја истакна визијата за иднината на Украина како слободна, силна, просперитетна и европска земја.
„Украина се бори за својот народ, но и за европскиот идеал во кој веруваме. Историјата нè гледа“, заклучи Макрон.
Официјални лица од Франција, Велика Британија, Германија и Полска пристигнаа во Украина во саботата наутро на првата таква заедничка посета за да разговараат со претседателот Володимир Зеленски и ветија дека ќе го зголемат притисокот врз Русија додека не се постигне договор за прекин на огнот.
Патувањето на францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, полскиот премиер Доналд Туск и британскиот премиер Кир Стармер е првпат официјални лица од четири европски земји заедно да ја посетат Украина.
Макрон, Мерц и Стармер го напуштија возот од Полска заедно наутро и се очекува подоцна да му се придружат на полскиот премиер, кој пристигна одделно во Киев.