Намалување на царинските стапки за околу 70 стоки, главно суровини и репроматеријали кои се користат во индустријата, ќе овозможи намалување на трошоците на производство и поголема конкурентност на домашните компании. Според последните измени на Законот за Царинската тарифа намалените царини за 50 отсто ќе стапат на сила од јули годинава, а од почетокот на наредната 2026 година ќе следи дополнително намалување за 50 отсто. За власта намалувањето на царините е резултат на нивна комуникација со бизнис заедницата и подобрување на бизнис условите и зголемување на извозот и инвестициите. Економските експерти исто така сметаат дека намалените царини позитивно ќе влијаат на економијата, односно ќе придонесат кон зголемување на конкурентноста на домашните компании, зголемување на извозот и на девизниот прилив.
Од Советот на странски инвеститори кој беа главни иницијатори за намалување на царинските стапки велат дека истите ќе придонесат за зголемување на производството, проширување на постојните капацитетите и носење на нови странски инвестиции и зголемување на бројот на вработувања. Оттаму велат дека намалувањето на царините всушност е усогласување со европското закондавство кое ќе ги стави на исто рамниште домашните со компаниите кои произведуваат во ЕУ.
Економистите сметаат дека намалувањето на царините ќе ја зголеми конкурентноста и дополнително може да влијае на зголемување на производството, нови производствени линии кај постојните компании и нови работни места.
-Ова е добар потег на власта кој ќе овозможи подобар настап на странски пазари и поголем девизен прилив. Практично со намалување на царините на суровините и репроматеријалите, кои се користат во индустријата, ќе се намали цената на домашните производи кои ќе бидат поконкурентни и попристапни за оние компании кои ги увезуваат. Тоа од друга страна ќе влијае на намалување на трошоците на производство и зголемување на конкурентноста на домашните компании, како и на привлекување на нови странски инвестиции на кои ќе им биде поевтино да произведуваат во Македонија, изјави за весникот ВЕЧЕР, Јован Пејковски, економски експерт и универзитетски професор.
Тој додава дека ова е процес кој допрва ќе се случува и ќе придонесе за подобрување на бизнис-климата и низа позитивни ефекти во економијата.
И министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека преку намалување на царините се создаваат подобри бизнис услови, се зголемува конкурентноста, извозот, девизниот прилив, инвестициите, бројот на вработени….
-Овие измени не се само за поддршка на домашната индустрија, туку и за привлекување на повеќе странски инвеститори, како и поддршка на компании во енергетскиот сектор, во делот на складирање на електрична енергија во услови кога има големо производство на електрична енергија од фотонапонските централи. На овој начин ќе обезбедиме и пониска цена на електричната енергија за компаниите и ќе ја зголемиме нивната конкурентност. Нема повеќе царинска стапка од 15 отсто за литиум-јонските батерии, туку таа ќе се намали на ниво на царинската стапка која се применува во ЕУ на ниво од 2,7 отсто, изјави министерката.
Со намалувањето на царинските стапки директно ќе се помогне во секторите на автомобилската, металопреработувачката индустрија, металургијата и енергетиката. Со предложените законски измени е опфатено намалување и на царинските стапки за литиум јонски батерии за складирање на електрична енергија во секторот енергетика. Целта е да се помогне во енергетскиот сектор, во насока на зголемување на своите капацитети, зголемување на извозната конкурентност, и се очекува зголемување на инвестициите и бројот на вработувањата.
(А.С.)