Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, најави серија активности во соработка со Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, со цел подобрување на економските резултати преку зголемување на извозот на стоки и услуги и привлекување нови инвеститори.
По посетата на комората, каде пред раководството презентираше четириточна стратегија за мобилизација на домашните компании, државните ресурси и дипломатско-конзуларните претставништва, Муцунски истакна дека имплементацијата на овие мерки ќе се спроведува заедно со стопанските комори и македонските компании, со цел да се постигне поголема додадена вредност за економијата.
– Имаме концепт во четири точки, којшто значи мобилизација на нашите компании, мобилизација на ресурсите на државата и нов модел на ангажирање на дипломатско-конзуларните претставништва. Во следниот период, ќе продолжиме на дело да ги имплементираме овие мерки заедно со стопанските комори и компаниите, со надеж за подобри економски резултати – изјави Муцунски.
Претседателот на МАСИТ, Јордан Димитровски, ја изрази поддршката на комората за најавените активности. Тој потенцира дека главната цел на МАСИТ е да обезбеди што повеќе македонски ИКТ компании да се пробијат на меѓународните пазари, да потпишуваат договори со поголема додадена вредност и да го унапредат развојот на домашната индустрија од извозна перспектива.
Посетата на МАСИТ е дел од низа средби што министерот Муцунски ги започна оваа недела со раководствата на стопанските комори и сродни организации, по претходната посета на организацијата „Македонија 2025“.












