вторник, септември 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Македонски државјанин тешко повреден со нож во улична пресметка во Германија

Македонски државјанин тешко повреден со нож во улична пресметка во Германија

0

Дваесет и четиригодишен македонски државјанин е тешко повреден со нож во крвава пресметка меѓу две групи во германскиот град Бад Зегеберг, соопшти германската полиција.

Инцидентот се случил во саботата рано наутро, околу 4 часот, во близина на градскиот плоштад. Две групи млади луѓе најпрвин започнале расправија, која за кратко време прераснала во тепачка.

– 23-годишен жител на Бад Зегеберг, германски државјанин, извадил нож и му нанел тешки повреди на 24-годишниот македонски државјанин, а во инцидентот е повреден и 23-годишен Ирачанец, велат од полицијата.

Минувачи и луѓе кои прво дошле да помогнат се обиделе да го запрат обилното крвавење кај ранетото момче од Македонија. Потоа пристигнале полицајци, кои со медицинска подврска успеале да го запрат крвавењето.

Момчето веднаш со возило на Итната медицинска помош било пренесено во болница, каде што му била извршена операција. Неговите повреди првично биле оценети како опасни по живот, но по извршената операција било потврдено дека повеќе не се наоѓа во животна опасност.

По пресметката, тројца луѓе, меѓу кои и осомничениот за нападот со нож, избегале со автомобил. Тие подоцна биле пронајдени во локална клиника и привремено приведени. Станува збор за 23-годишниот осомничен и уште двајца германски државјани на возраст од 22 и 23 години.

– Сите тројца имале полесни повреди здобиени во тепачката, велат од полицијата.

ИЗДВОЕНИ