Министерството за здравство го објави новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со кој се воведуваат забрани за употреба на тутун, никотински производи и на уреди за нивно консумирање. Забраната за пушење повторно ја отвора дебатата меѓу јавното здравје и личната слобода – додека Министерството за здравство уверува дека се нужни мерки за заштита на граѓаните, јавноста е поделена: едни даваат поддршка, други, пак, се плашат од ригидни казни
По години колебање, половични решенија и слаба примена на постојната регулатива, државата повторно се обидува радикално да го ограничи пушењето. Новиот предлог-закон за заштита од тутун и од никотин предвидува една од најстрогите рамки досега: не само со забрана за пушење во речиси сите јавни и работни простори туку и со целосно отстранување на тутунот од рекламирањето, медиумите, културните и спортските настани. Законот, кој сè уште е во фаза на предлог и би требало да стапи во сила, веќе ја подели јавноста: оние што го гледаат како европски исчекор и оние што стравуваат дека ќе предизвика економски и социјални последици.
Што точно предвидува новиот закон за заштита од пушењето
Предлог-законот не остава простор за различно толкување: пушењето тутун, никотински производи, електронски цигари, загреани тутунски производи и користењето уреди за нивна консумација се забрануваат во речиси целиот јавен и работен простор. Забраната важи за здравствените установи, домовите за социјална заштита, градинките, училиштата, факултетите, културните и спортските објекти, државните институции и општинските згради, како и за сите работни места, без оглед дали станува збор за канцеларии, производствени погони или за магацини.
Нема да биде дозволено пушење ниту во јавниот превоз од кој било вид, на аеродромите, железничките и автобуските станици, пристаништата, како ни на станиците за градски и за приградски превоз. Законот оди чекор подалеку, па забранува пушење во приватните возила ако има дете во нив, како и во заедничките простории на станбените згради: лифтови, светларници, котларници и други заеднички делови.
Најголемата промена, која најмногу ја засега секојдневната навика на граѓаните, се однесува на угостителството. Со новиот закон, се забранува пушење во сите објекти за исхрана и за сместување: кафулињата, рестораните, баровите, меаните, хотелите и слично. Единствен исклучок се отворените простори надвор од објектите, но законот пропишува строги услови и таму: терасите и бавчите мора да бидат отворени од најмалку три страни, без стаклени, најлонски или други прегради, а т.н. зимски тераси практично престануваат да бидат дозволена пушачка зона.
Паралелно со забраната за пушење, законот воведува и целосна забрана за рекламирање и промоција на тутунот и на никотинот. Забранети се попусти, купони, подароци, бесплатна дистрибуција, наградни игри, како и какво било брендирање на настани, хуманитарни акции или спортски активности со имиња на тутунски компании. Тутунската индустрија повеќе нема да смее да спонзорира концерти, фестивали, филмови, серии, спортски екипи или поединци, ниту, пак, да финансира образовни или здравствени кампањи, дури ни оние што се против пушењето.
Акцент се става и на медиумите и на содржините на Интернет. Прикажувањето пушење во филмови, серии, емисии, видеоигри, поткасти и содржини создадени од инфлуенсери ќе биде забрането, освен ако пушењето е составен дел од уметничка целина наменета за возрасни. И во тие случаи ќе мора да се емитува јасна порака дека пушењето е штетно за здравјето.
Продажбата на тутун и на никотински производи, исто така, се става под строга контрола. Забранета е продажбата во здравствени и во образовни установи, угостителски објекти, паркови, плажи, пазари и во текот на јавни настани. Нема да смее да се продаваат цигари на парче, преку автомати или онлајн. Нема да смеат да бидат изложени во продавниците, ќе мора да се чуваат во затворени, неосветлени шкафови, а потрошувачите ќе можат да добијат информација само преку едноставен, црно-бел список со имиња и со цени. Дополнително, се воведува целосна забрана за аромите и за вкусовите, вклучително и кај електронските цигари и кај загреаните тутунски производи.
Инспекциски контроли и казни
Инспекцискиот надзор ќе го вршат повеќе институции, вклучувајќи ги Пазарниот, Санитарниот и Трудовиот инспекторат, како и МВР. Физичко лице затечено како пуши на забрането место ќе биде казнето со глоба од 150 до 300 евра. Доколку се плати на самото место, казната изнесува 100 евра. Правните лица се соочуваат со казни од 2.000 до 5.000 евра, во зависност од нивната големина. Дополнително, доколку се утврди прекршок во објект, инспекторот може да изрече привремена забрана за вршење дејност до три месеци.
Законот предвидува можност паричната казна за прекршување на забраната за пушење да се замени со општокорисна работа, односно граѓаните што ќе бидат фатени како пушат на забранет простор ќе можат, под одредени услови, да ја „отплатат“ казната преку ангажман од јавен интерес. Општокорисната работа се предвидува како алтернативна, а не задолжителна казна, што значи дека таа не ја укинува паричната, туку се нуди како можност, особено за лицата што не се во состојба да ја платат казната.
Поделени реакции во јавноста
Очекувано, ваквиот закон предизвика силни и спротивставени реакции. Дел од граѓаните го поздравуваат како неопходен чекор, кој одамна требало да се направи. Според нив, правото на здравје треба да има предност пред навиките на пушачите.
– Тој што избрал да пуши и да се труе себеси, не мора да ги труе и другите. Вака е во Европа, особено во објектите каде што се јаде – велат поддржувачите на законот, на социјалните мрежи, уверени дека со ваквите мерки земјата само се приближува до европските стандарди.
Други, пак, се скептични и потсетуваат дека и досега имало закони, но не и нивна доследна примена.
– Годишно умираат околу 4.000 луѓе како последица на активното и на пасивното пушење, но има закони, проблемот е што никој не ги спроведува – е еден од честите коментари.
Особено гласни се угостителите и дел од граѓаните, кои стравуваат од економските последици. Тие потсетуваат на 2016 година, кога со слични рестрикции, како што тврдат, биле затворени многу локали, а прометот кај другите паднал и до 50 проценти.
– Ако се донесе законот ваков, без јасно дефинирани пушачки зони, угостителството и ноќниот живот ќе исчезнат, а уште илјадници луѓе ќе ја напуштат државата – предупредуваат тие.
Има и граѓански ставови што го ставаат во прашање фокусот на државата.
– Ако статистиката покажува дека загадениот воздух што го дишеме е еквивалент на пушењето неколку цигари дневно, тогаш каде е логиката токму пушењето да се третира како главен проблем? – прашуваат дел од граѓаните.
Се отвора и дилемата дали со новиот закон казината и обложувалниците, во кои, традиционално, се пуши, ќе станат единствени дозволени пушачки зони.
Ставот на Министерството за здравство е дека се неопходни мерките
Од Министерството за здравство, пак, се децидни дека компромис нема. Според нив, пушењето е водечка причина за смртност и за хронични заболувања во земјата. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека над 45 проценти од возрасната популација во Македонија пуши, што ја става земјата меѓу оние со највисока стапка на пушење во Европа. Пушењето е директно поврзано со повеќе од една третина од случаите на карцином на белите дробови, како и со значителен дел од кардиоваскуларните болести.
Министерството предупредува и на економските последици од тутунот: директните здравствени трошоци за лекување на болестите поврзани со пушењето изнесуваат стотици милиони денари годишно, а вкупното економско оптоварување, вклучително и загубената продуктивност, надминува 5 проценти од бруто-домашниот производ. Во земја што веќе се соочува со сериозно загадување на воздухот, ограничувањето на тутунскиот чад во затворени простории, според Министерството, е неопходна мерка за заштита на јавното здравје и за долгорочна економска одржливост.
Новиот закон, со сите свои рестрикции, ја става државата пред јасен избор: дали здравјето на граѓаните, конечно, ќе стане приоритет или, пак, уште еднаш ќе се покаже дека законите се носат полесно отколку што се спроведуваат. Одговорот, како и досега, ќе зависи не само од текстот на законот туку од неговата примена во практиката. (П.А.)
Строги правила за пушењето, лабави мерки за воздухот што нè разболува
Додека јавноста жестоко расправа за забраната за пушење и за новите казнени мерки, дел од реакциите одат и во насока дека државата се фокусира на цигарите, а со години ги игнорира многу поголемите и поопасни загадувачи. Токму на тоа укажува и најновата анализа на невладината еколошка организација О2, која предупредува дека аерозагадувањето во Македонија не е еколошка тема, туку сериозна здравствена криза.
Според О2, PM-честичките, издувните гасови од дизел-возилата, бензенот, полицикличните ароматични јаглеводороди и одредени тешки метали се класифицирани како канцерогени од прва група, односно супстанции за кои е докажано дека предизвикуваат рак кај луѓето. Македонија со години е на врвот во Европа по смртноста поврзана со изложеноста на PM 2,5-честички – во 2023 година таа изнесувала 222 починати на 100.000 жители. Дополнителен проблем е нефункционалниот систем за мерење: околу 30 проценти од инструментите не работат, а и покрај законската обврска, не се мерат редовно тешките метали, бензенот, бензо(а)пиренот и хемискиот состав на PM 2,5. Како резултат, институциите и јавноста немаат целосна слика за ризиците за здравјето.
Податоците за PM 2,5 покажуваат дека зимските концентрации се и до 18 пати над здравствените граници, а надминување се регистрираа дури и во Лазарополе, кое важи за референтно чисто подрачје. Слична е состојбата и со PM 10, како и со NO₂, загадувач поврзан со сообраќајот, каде што највисоки вредности се бележат во Скопје и во други поголеми градови. Невладината О2 остро критикува дека ниту актуелната власт не презела систематски мерки за греењето, сообраќајот и за индустријата, оценувајќи дека субвенциите за инвертери и за филтри, особено во Скопје, претставуваат алиби, а не решение.












