До крајот на оваа недела (односно до недела 30 август) територијата на Македонија останува да биде под влијание на екстремно топлиот бран кој од југ, односно од Африка продира во Македонија и условува да имаме екстремно високи температури на воздухот преку ден, како и појава на тропски ноќи во повеќето градови во Македонија.
Времето останува да биде стабилно и претежно сончево со појава на мала локална облачност. Повремено ќе засилува ветер од променлив правец. Во попладневните часови, особено на планинските места во Македонија ќе има услови за краткотрајна нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Барем одсега гледано, поголеми услови за нестабилност и на повеќето места во Македонија, како и услови за појава на локално невреме ќе има за време на викендот (сабота и недела 29/30 август).
Температурите насекаде во Македонија ќе бидат над 32 степени, а во Повардарието, во југоисточните предели од Македонија, како и во Скопската котлина температурите ќе се искачуваат близу 40 степени. Во Скопје и околината температурата ќе се искачува до околу 38/39 степени.
Во текот на ноќта исто така останува многу топло, па така на повеќето места температурите на воздухот ниту во текот на ноќта нема да се спуштаат под 20 степени. Исто така и во Скопската колтина ниту во текот на ноќта температурата нема да се спушта под 20 степени.
Поради екстремно топлиот бран од Африка во Македонија, метеорологот апелира граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот дел од денот (од 11 до 17 часот) но и да пијат повеќе течности.












