Македонија ни милиметар, Бугарија ни сантиметар – евроинтеграциите под кочница

Со апсолутно мнозинство од 194 гласови „за“, Народното собрание на Бугарија вчера одобри резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Во резолуцијата, Софија потенцира дека првиот значаен чекор во врска со напредокот на Македонија кон ЕУ е „вклучувањето на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата“, но, исто така, бугарското Народно собрание предупредува и дека обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени, туку наведуваат дека резолуцијата содржи голем број други клучни елементи. Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев изјави дека нема план Б за Македонија за спроведување на преговарачката рамка и дека нема да отстапи ниту еден сантиметар од договореното во 2022 година. Остра реторика во четвртокот во македонското Собрание имаше и премиерот Мицкоски, кој порача дека додека е премиер, нема ни милиметар да мрдне во однос на позициите за уставните измени, додека во бугарскиот Комитет за малцинства не види Македонец. Сепак, во време кога источниот сосед ја запечатува едногласноста во земјата во однос на земјава, политичките чинители во Македонија никако да се усогласат околу единствен став во однос на прашањата поврзани со Бугарија и евроинтеграциите, иако и власта и опозицијата повикуваат на национален консензус.

830

Официјална Софија уште еднаш на дело го потврди широкиот општествен консензус во земјата во однос на македонските евроинтеграции. Со апсолутно мнозинство од 194 гласови „за“, Народното собрание на Бугарија вчера одобри резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Како што објавија бугарските медиуми, немало ниту еден глас „против“ и ниту еден „воздржан“ од присутните пратеници во пленарната сала. Во резолуцијата, Софија потенцира дека првиот значаен чекор во врска со напредокот на Македонија кон ЕУ е „вклучувањето на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата“, што „ќе им гарантира правна еднаквост во мултиетничкото општество за кое Република Северна Македонија постојано тврди дека успешно го изградила“. Но, исто така, бугарското Народно собрание предупредува и дека обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени, туку наведуваат дека резолуцијата содржи голем број други клучни елементи.

Со одлуката, Бугарија очекува во спроведувањето на европскиот консензус од 2022 година, Македонија да развие и презентира целен Акциски план за заштита на правата на лицата кои припаѓаат на малцинства или заедниците, кој ќе го придружува Патоказот за владеење на правото.

 -Овој план, чија имплементација ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Северна Македонија кон ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Република Северна Македонија, објави БГНЕС.

Георгиев: Нема план Б и не отстапуваме ни сантиметар

По апсолутната поддршка во Собранието, бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев изјави дека нема план Б за Македонија за спроведување на преговарачката рамка и дека Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него.

-Му се заблагодарувам на Народното собрание за неговата активна позиција. Ова уште еднаш покажува дека постои целосен консензус во општеството во врска со Република Северна Македонија, но и целиот процес на европска интеграција што се однесува на Западен Балкан. Воздржаниот европски дипломатски тон и однесување на Бугарија, во апсолутен контраст со понекогаш многу хистеричното однесување на другите земји, не треба да се мешаат со недостаток на активност. Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во однос на европската интеграција на Западен Балкан и конкретно на нашиот сосед, РСМ, е целосно стабилна и цврста, рече тој, уверувајќи дека Бугарија ќе продолжи да се придржува до договорот од 2022 година и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него.

Георгиев е категоричен дека Бугарија нема да престане да повторува дека почитувањето на европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок и дека критериумите за членство утврдени во консензусот од 2022 година меѓу ЕУ и сите нејзини земји-членки од една страна и Македонија од друга страна, мора да бидат исполнети за земјава да продолжи напред во својот процес на европска интеграција.

На прашањето дали Бугарија веднаш ќе стави вето ако разговорите меѓу македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, и европските партнери доколку тие случајно доведат до почеток на преговорите за пристапување на земјава во ЕУ пред да се промени Уставот, Георгиев одговори дека од сите разговори што ги водел досега, нема план „Б“.

 -Постои само еден план – промена на уставот, исполнување на критериумите за кластерите, за да може процесот да се движи напред. Ова го кажа и австрискиот колега – користење на алатките за разговори, но исполнување на критериумите, промена на уставот, сè што е утврдено во консензусот од 2022 година, рече бугарскиот шеф на дипломатијата. Нема шанси да бидете во ЕУ ако не сакате да се однесувате како Европеец. Нема да се откажеме од фактот дека критериумите мора да се почитуваат. Бугарија нема билатерален проблем. Ако Скопјe има нешто што треба да го изрази како барање, тоа е пред Брисел и сите земји-членки на ЕУ, ја пренесе БГНЕС изјавата на Георгиев.

Во резолуцијата се бара да се гарантираат правата на Бугарите во земјава

Во резолуцијата поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги презедоа.

-Секакви обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од постигнатите договори се неприфатливи, се наведува во одлуката, пренесе БГНЕС.

Исто така, се наведува дека институциите на ЕУ се повикани да продолжат со своите напори „за гарантирање на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет“.

Во одлуката, исто така, се наведува дека „Народното собрание им дава силна и непоколеблива поддршка на сите Бугари во Република Северна Македонија и инсистира на недискриминаторски третман кон нив“.

Бугарските пратеници предлагаат Советот на министри да ја достави одлуката до Советот на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија, како и до Советот на Европа.

Меѓу причините за ваквата одлука се наведува претстојното усвојување на резолуции за извештаите на Европската комисија за напредокот на земјите-кандидатки за членство во ЕУ од страна на Европскиот парламент.

Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов изјави дека Софија инсистира да се почитува Договорот за добрососедство. Тој беше категоричен дека провокациите што ги прави земјава не се во ничиј интерес.

 -Имаме договор за добрососедство, таканаречен француски предлог, и инсистираме сите да се придржуваат до договорот и сите провокации што се прават не се во ничиј интерес. Оваа декларација уште еднаш потсети дека фундаменталниот документ на модерната историја е Договорот за добрососедство, рече Борисов и додаде дека земјава не ги регистрира Бугарите во Уставот, додека во исто време во Бугарија се издадени над 100 илјади пасоши на „граѓани на Северна Македонија“.

Бугарија веќе имаше две декларација и објаснувачки меморандум во однос на позициите кон Македонија.

Во Скопје декларативни иницијативи за обединување

Остра реторика во четвртокот во македонското Собрание имаше и премиерот Мицкоски, кој порача дека додека е премиер, нема ни милиметар да мрдне во однос на позициите за уставните измени, додека во бугарскиот Комитет за малцинства не види Македонец.

Сепак, во време кога источниот сосед ја запечатува едногласноста во земјата во однос на земјава, политичките чинители во Македонија никако да се усогласат околу единствен став во однос на прашањата поврзани со Бугарија и евроинтеграциите, иако и власта и опозицијата повикуваат на национален консензус.

Во обраќањето на Свечената академија, премиерот Мицкоски, испрати порака за национално обединување, подвлекувајќи дека кога се работи за стратешките интереси на државата, сите политички разлики мора да се стават на страна, но сепак, од владејачката партија ја одбија иницијативата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на лидерска средба, со конструктивен дијалог да се градат позициите за клучните државни прашања, како евроинтеграциите.

Движењето ЗНАМ-За наша Македонија во декември лани до партиите достави Национална платформа за македонско национално единство и црвените линии, но таа не прерасна во официјален заеднички документ, како што тоа го направија пратениците во Софија.

Во јули 2021 година и во македонското Собрание едногласно беше изгласана Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ за преговорите со Бугарија, за која, Тимчо Муцунски, тогаш како пратеник изјави дека тоа се „нашите црвени линии преку коишто никој ниту имал, ниту ќе има мандат да премине“. Но, за разлика од Бугарија, земјава не ја реафирмира оваа резолуција.

Во меѓувреме, сè уште нема потврда дали ќе се случи средба на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, со нејзиниот бугарски колега, Румен Радев, идниот месец на НАТО-самиот во Хаг, под капата на ЕУ, НАТО и САД, во форматот што го предложи македонскиот премиер Христијан Мицкоски. (В.С.Н.)

 

 

ИЗДВОЕНИ