Македонската машка кошаркарска репрезентација ги доби противниците во втората рунда од претквалификациите за ФИБА Евробаскет 2029. По ждрепката одржана во Минхен, избраниците на селекторот Жозеп Марија Берокал ќе играат во групата Ф, каде што за противници ќе ги имаат Австрија и Кипар.
Шпанскиот стратег оцени дека Македонија ја очекуваат две квалитетни репрезентации, кои веќе имаат искуство од квалификациите за Светското првенство, но нагласи дека клучно ќе биде националниот тим максимално подготвен да ги дочека натпреварите.
- Австрија и Кипар се добри репрезентации и нè очекуваат тешки натпревари. Имаме шест недели до почетокот на подготовките и тој период ќе биде исклучително важен за нас, особено затоа што квалификациите ги отвораме со гостување кај Австрија, изјави Берокал.
Селекторот истакна дека негов главен приоритет е на располагање да ги има сите репрезентативци за Македонија да настапи во најсилен можен состав.
- Најважно е сите играчи да бидат здрави и да можат да се јават на повикот. Сакам да работиме со најсилниот ростер и верувам дека во август ќе го имаме најдобриот можен тим за да ја почнеме успешно оваа квалификациска рунда, порача Берокал.
Македонија ќе ги отвори квалификациите со гостување кај Австрија, а целта ќе биде успешен старт и пласман во следната фаза од квалификацискиот циклус за Евробаскет 2029.











