Македонија има направено импресивен чекор во својата зелена транзиција, развојот на инфраструктурата и во зголемувањето на пристапот до финансии за деловните субјекти и за граѓаните. Индустриските политики бележат оживување и нивната растечка популарност е примарно обликувана од домашните политичко-економски услови и од растечките геополитички тензии. Иако овие политики обично се применуваат во економиите во повисоки приходи, сè почесто се користат и во економиите со помал административен и фискален капацитет, оценува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во најновиот извештај за транзицијата, навигација во индустриските политики.
– Во Северна Македонија, нашите инвестиции се стремат кон креирање значајни можности што ги охрабруваат луѓето да ја градат својата иднина дома, преку поддршка на инклузивниот раст и помошта во справувањето со демографските предизвици. Јас сум оптимист за иднината и посветен сум во испорачувањето уште поголемо влијание во годините што следуваат – истакна Фатих Туркменоглу од ЕБОР.
Според гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, слободните економски зони, како основна алатка на индустриската политика, одиграле позитивна улога во привлекувањето на странските претпријатија, создавањето работни места и зголемувањето на продуктивноста во македонската економија, но придобивките би биле поголеми доколку се зајакнуваат трансферот на знаење и врските меѓу странските инвеститори и домашните компании.
– Очигледно е дека овие компании имаат позитивни ефекти врз билансот на плаќања, генерирајќи нето девизен прилив од 17,8 проценти од БДП во периодот 2014-2023 година. Но, придобивките може да бидат поголеми ако се зајакнат трансферот на знаење, технолошката дифузија и врските помеѓу странските инвеститори и локалните бизниси. Моментално се проценува дека фирми што работат во зоните користат само околу 10 проценти од своите потреби од македонските локални претпријатија – подвлече Ангеловска-Бежоска.
ЕБОР досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 198 проекти во државава.