Филмот „Мајка“, најновото остварување на Теона Стругар-Митевска, од 3 декември официјално почнува со дистрибуција во Франција. Премиерата во Париз помина со исклучителен интерес. Париското кино „Берси“ (UGC Bercy) беше целосно распродадено, а проекцијата во кинокомплексот „Конвенцијата Пате“ се одржа со голема посетеност, што го потврдува интересот на француската публика.

Во рамките на промотивната турнеја, филмот на Теона Митевска беше претставен пред водечките француски медиуми, меѓу кои „Телерама“, „Еуропа 1“, ИНА, „Ели“ (Elle) и „Ле Журнал ди Диманш“ (Le Journal du Dimanche), со силно позитивни критики. Критичарите ги истакнуваат тематската длабочина, авторската зрелост и уметничката актуелност на филмот.

Само во октомври и во ноември „Мајка“ беше прикажан на 26 меѓународни фестивали, каде што доби значајно внимание и позитивни оцени од стручните жирија. Филмот е веќе продаден за дистрибуција во повеќе од 40 земји, што сведочи за неговиот силен глобален досег.

Особено се пофалени актерските интерпретации. Номи Рапас се издвојува со една од своите најсилни изведби, а Никола Ристановски носи суптилен и емотивно комплексен настап, кој остави длабок впечаток меѓу европските гледачи и критичари.

Филмот е потврден за прикажување во 230 киносали во првите две недели, во комбинација од артхаус простори и големи комерцијални кина. Дополнително, 600 киносали низ Франција го имаат вклучено филмот во своите долгорочни репертоари, што претставува редок и значаен опфат за регионален филм во францускиот дистрибутивен систем.

„Мајка“ оваа есен имаше силно присуство на меѓународната фестивалска сцена, меѓу другите на фестивалите во Лондон, Гент, Арас, Женева, Манхајм, Севиља, Хаифа, Солун, Љубљана, Талин, како и на прекуокеанските фестивали во Рио де Жанеиро, Токио, Колката и во Маракеш. Значајна е и селекцијата на „Камеримиџ“ (Camerimage) во Лоџ, Полска, еден од најпрестижните фестивали за директори на фотографија.

Во декември, филмот ќе биде прикажан и на редовниот репертоар во Кинотеката на Македонија, пред домашната публика.

ИЗДВОЕНИ