Украина сè уште не е подготвена за влез во Европската унија бидејќи е во конфликт со друга земја и не го исполни ветувањето за враќање на правата на унгарското национално малцинство во Закарпатија, изјави унгарскиот премиер Петер Маѓар.
Одговарајќи на прашање за подготвеноста на Украина да се приклучи кон ЕУ, тој истакна дека станува збор за „земја во војна“.
– Таа очигледно не е подготвена за влез во Европската унија. Без оглед на тоа во што лидерите на ЕУ или на земјите-членки се обидуваат да ја убедат Украина, јас сметам дека тоа е погрешно – рече унгарскиот премиер.
Унгарскиот претставник исто така потсети дека властите во Киев сè уште го немаат исполнето договорот со Будимпешта за враќање на правата на етничките Унгарци во Закарпатија, кои им беа одземени по 2015 година.
Според него, тој сè уште не забележал никаков напредок во спроведувањето на овој договор.
Унгарскиот премиер исто така потврди дека неговата влада се согласила да започне преговори за пристапување на Украина во Европската Унија, но се противи на забрзување на процесот од политички причини.
Одлуката за ова треба да се донесе исклучиво врз основа на постигнувањата на земјата-кандидат. Кога ќе заврши овој процес, конечната одлука за пристапувањето на Украина во ЕУ во Унгарија ќе се донесе преку национален референдум, истакна унгарскиот претставник.
Претходната унгарска влада, предводена од Виктор Орбан, исто така се противеше на забрзаниот прием на Украина во ЕУ, посочувајќи дека земјата е во конфликт со Русија и не ги исполнува критериумите за членство во европската заедница.












