Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски информираше дека преку Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при Детскиот дом „11 Октомври“, 182 згрижувачки семејства се грижат за 320 деца. -Тоа се 320 детски насмевки, сигурност и топлина што произлегуваат од големи срца – наведе Велковски. Претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, додаде дека се потребни уште повеќе згрижувачки семејства и најави дека ќе започне кампања во сите општини низ Република Македонија, за да се зголеми нивниот број

 

Под мотото „Љубовта започнува дома – биди херој на едно детство -биди згрижувач“, денеска, во Детскиот дом „11 Октомври“ беше одбележан Денот на згрижувачките семејства и Меѓународниот ден на детето.

На настанот присуствуваа заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски и претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

-Им оддаваме чест на сите згрижувачи кои со љубов и посветеност го отвораат својот дом за најмладите на кои им е најпотребно. Ви благодариме што сте светлина во животите на овие деца. Вие сте хероите на нашето општество – истакна Велковски, додавајќи дека преку Центарот за поддршка на згрижувачки семејства при Детскиот дом „11 Октомври“, 182 згрижувачки семејства се грижат за 320 деца.

-Тоа се 320 детски насмевки, сигурност и топлина што произлегуваат од големи срца – наведе Велковски.

Ѓорѓиевски додаде дека настанот има длабока порака, која потсетува на суштината на човечноста – љубовта, грижата и подадената рака за оние на кои им е најпотребна. Тој информираше дека во општина Кисела Вода, во моментот функционираат 15 згрижувачки семејства, во кои се сместени вкупно 19 деца.

-Тоа се 19 деца кои нашле безбедност, грижа и стабилна средина за растење. Но, мораме реално да кажеме дека тоа не е доволно и дека се потребни  уште повеќе згрижувачки семејства, уште повеќе луѓе подготвени да помогнат и да дадат дом, топлина, поддршка и можност за среќно детство. Ја препознавам хуманоста на нашите сограѓани и им се поклонувам на оние кои ја направиле оваа благородна одлука. Да се биде згрижувач значи да се дарува нова шанса, да се дарува љубов таму каде што најмногу недостасува. Тоа е чин на највисока човечка доблест – дециден е Ѓорѓиевски, додавајќи дека како локална самоуправа, се подготвени да продолжат да даваат поддршка за овие семејства и да работат на подигнување на свеста, со цел да се зголеми бројот на згрижувачи. 

Тој како претседател на ЗЕЛС, најави дека ќе започне кампања во сите општини низ Република Македонија, со цел да се зголеми бројот на згрижувачки семејства.

-Секоја приказна што започнува со љубов – има потенцијал да го промени светот. А секој од нас може да биде дел од таа приказна -истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

(А.П.)

 

 

ИЗДВОЕНИ