Можноста да се случи вистинско цунами во однос на зголемувањето на бројот на независни кандидатури за општински градоначалници и советници на претстојните локални избори се јавува откако вчера Државната изборна комисија ги објасни правилата. Претседателот на ДИК, Борис Кондарко, по седницата одржана веднаш откако собранискиот спикер, Африм Гаши, ги распиша изборите за 19 октомври и за 2 ноември, објасни дека независните кандидати ќе можат да учествуваат на локалните избори без собирање потписи. Во ситуација кога во мај Уставниот суд укина две одредби од Изборниот законик што се однесуваа на бројот на граѓански потписи за кандидатури, а Собранието не донесе нови правила, Кондарко се повикана член 60 од Изборниот законик.
– Согласно со Уставот и со Законот, секој има еднакво избирачко право да избира и да биде избран. Значи, ДИК нема право никого да лиши од законското право за учество на изборите. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политичките партии, и коалициите и групата избирачи, согласно со членот 60, имаат право да учествуваат на изборите – изјави Кондарко.
Претходно, ДИК го стави надвор од сила својот правилник со кој се регулираше постапката за собирање потписи од причина што уставните судии ги укинаа законските одредби што се однесуваа на тоа.
Ова практично значи дека секој еден граѓанин би требало да може да се кандидира за градоначалник со лична пријава, односно група граѓани да можат да влезат во изборната трка за општински советници. Тоа, извесно, може да доведе до тоа во секоја од 80. македонски општини и во Градот Скопје да се појават многубројни кандидатски листи. На локалните избори во 2021 година учествуваа 57 независни листи со кандидати за советници во 40 општини, кои собраа вкупно 56.000 гласа на граѓаните. Со тоа, тие станаа четврта политичка сила во државата, а забележителен број гласови тогаш освоија независната листа „Поинаку“ од Битола, „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“, „Стига е“. Инаку, најмногу независни листи имаше во Кавадарци и во Македонски Брод – по пет.
Поранешниот претседател на ДИК, Александар Николовски, вели за ВЕЧЕР дека може да се очекува зголемување на кандидатските листи.
– Особено може да се очекува големо зголемување на кандидатските листи за советници, но и за градоначалници. Може да се очекува и своевидно цунами, бидејќи условите за кандидирање се значително олеснети. Ова е добро за демократијата и јас мислам дека така требаше да се протолкува Законот. Големиот број кандидати може да предизвика проблеми со изгледот на гласачките ливчиња, особено на оние за советници, па тие да бидат долги и два-три метри. Но, и тоа ќе се решава – смета Новаковски.
Политичкиот аналитичар Миша Поповиќ од Институтот за демократија ни рече дека, сепак, не очекува драстично зголемување на бројот на кандидати.
– Не верувам дека олеснетите услови за кандидирање на независните кандидати може да предизвикаат некое цунами во однос на бројот на кандидатури по општините. Луѓето што се решаваат да се јават во улога на кандидати, сепак, работеле нешто претходно на ваков план. Точно е дека ние во минатото сме имале некакви обиди за злоупотреби на листите, се предлагаа слични имиња на кандидати и слично, но не мислам дека може сега да се случи нешто такво слично – вели овој аналитичар за ВЕЧЕР.
Според него, одлуката на ДИК е во духот на законските решенија што постојат во повеќе европски земји, а со кои не се бараат тешки услови.
– Се надевам дека изјавата на претседателот на ДИК ќе се примени и во практиката, во смисла веќе да не постојат оние проблеми што постоеја досега и со кои се ограничуваа правото на кандидирање и правото да се биде избиран. Тоа предизвикуваше полесно да се кандидирате како претставник на партија отколку како вонпартиски кандидат. Сега, ако ДИК се води по тоа да нема ограничување, ќе се овозможи кандидирање – наведува овој аналитичар.
Нов лавиринт или поедноставена постапка?
Од друга страна, одлуката на ДИК предизвика и реакции во редовите на граѓанските организации што имаат независни советници, а од кои некои веќе почнаа акции за регистрирање како партии. Горјан Јовановски од „Зелен хуман град“ ни рече дека тие нема да се откажат од формирањето партија.
– Од изјавата на ДИК гледаме дека сакаат да си играат со нас како со деца. Во еден момент едно, во друг друго. Намерно се прави каша-попара, со цел да се направи бирократски лавиринт за независните да не можат да настапат правилно на изборите. Затоа ние од „Зелен хуман град“ остануваме на својата мисија да формираме политичка партија, со цел да избегнеме ваква манипулација, што се прави сега. Па потоа да се кандидираме и натаму, на следните парламентарни избори за да ги смениме оние пратеници што направија бирокртски хаос. Значи, ќе продолжиме да собираме потписи за формирање партија. Не веруваме дека нема да се најде некоја нова сопка за да се отежни процесот за независните кандидати – ни рече Јовановски
Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“, кои со „Шанса за Центар“, исто така, собираат потписи за нова партија, вели дека сега има олеснување.
– Одлуката на ДИК донесе некое олеснување. Само не е јасно зошто беше тешко да се направи ова со автентично толкување многу порано. Нè маткаа два месеца, во насока на изнаоѓање решенија, додека некои кандидати водат кампања за цело ова време. Сигурно ќе се појавиме на изборите, како – ќе одлучиме во периодот што следува, дури денес некои од нас го видоа роковникот. Сè зависи дали ќе има зголемен број листи. Добро е да има реални независни листи, но можна е и злоупотреба и да има масовност токму на места каде што се реалниве и докажани иницијативи – потенцира Георгиевска.
Габриела Илиевска од граѓанската иницијатива „Поинаку“ од Битола ни рече дека е добро што никој не се осмелил да им го одземе правото на граѓаните да се кандидираат.
– Штета е што уште нема јасно дефинирани поими. Треба час поскоро да се дефинираат сите рокови и обврски. Не би сакала на изборите да има „хоас“ со бројот на кандидатски листи и треба да се има предвид тоа – вели таа.
Изборите како сцена за нова аполитична сила
Сето ова го поставува и прашањето дали поголемиот број независни листи на гласачките места може да има влијание и врз резултатите што ќе ги остварат партиите.
– Ние сме веќе голема аполитична сила и таа сила и сега ќе се покаже како нова аполитична сила на претстојните избори, како чиста граѓанска сила – потенцира Габриела Илиевска.
За Невена Георгиевска од „Независни за Карпош“, извесно ќе биде зголемувањето на силата на независниот корпус.
– Сигурни сме дека ќе станеме тоа и не само нова сила, бидејќи тоа беше навестено уште на минатите локални избори. Би потенцирала дека нашата сила најмногу е во тоа што дејствуваме поинаку од класичните партии, ние сме фокусираме на цели и идеи, а не за политички функции или на политички кариери. Тоа сме го докажале и со настапите и со активностите што сме ги имале многу години и сè уште сме активни – потенцира таа.
Според Миша Поповиќ, со сигурност може да се очекува дека, во најмала рака, таквите независни листи и вонпартиски иницијативи ќе играат некоја улога во локалните политики.
– Нивниот печат на локалните избори ќе значи и поттик за реформи на политичките партии кај кои доминираат партиските лидери. А тоа значи дека, покрај на локално ниво, очекувам и реформи на политичките партии и на централно ниво, оти партиите сега ќе бидат притиснати од локално ниво – наведува овој аналитичар. (Б. Ѓ.)
Кондарко: Ако Собранието за десет дена не донесе нови услови, ќе го прецизираме поднесувањето на листите
– ДИК веќе се изјасни дека правото на учество е дадено со закон, со членот 60 од Изборниот законик и ДИК не може да одлучува за тоа. Во Законот не постои само услов за бројот на потписи за кандидирање. Останува да се види дали Собранието ќе ги донесе измените на Законот за бројот на потписи до почетокот на законскиот рок за собирање потписи (десет дена од распишувањето на изборите), доколку не, тогаш во врска со прашањето за начинот на кандидирањето ДИК ќе го прецизира упатството за поднесување листи на независните кандидати во смисла на членот 60 – изјави вчера претседателот на ДИК, Борис Кондарко, за ВЕЧЕР.