Балоните со шверцувани цигари пресудија: Литванија ја затвора границата со Белорусија

53

Литванската влада објави дека ја затвора границата со Белорусија еден месец поради балони со шверцувани цигари што летаат од таа земја, што Вилнус го оцени како „хибриден напад“, пренесе „Бета“.

„Донесена е одлука за затворање на границата меѓу Литванија и Белорусија еден месец, до 30 ноември“, изјави литванската премиерка Инга Ругиниене пред новинарите.

Таа додаде дека затворањето на границата може да се продолжи.

„Не можеме да молчиме пред хибриден напад врз Литванија“, рече премиерката.

Неодамнешното пристигнување на десетици балони предизвика привремено затворање на аеродромите во Вилнус и Каунас, со што се прекинати 142 летови и патувањето на повеќе од 20.000 патници, објави Литванската аеродромска компанија (LTOU).

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај меѓу Белорусија и руската енклава Калининград преку Литванија нема да биде засегнат од затворањето на границата, соопштија литванските власти.

Планирани се исклучоци од новата мерка, особено за граѓаните на членките на ЕУ и НАТО, носителите на литвански дозволи за престој и патниците во транзит до и од руската енклава Калининград на балтичкиот брег.

Гранската полиција ќе донесува индивидуални одлуки во „хуманитарни случаи“, изјави министерот за внатрешни работи Владислав Кондратович.

Литванија издава таканаречени хуманитарни визи за бегалците од репресијата во Белорусија од 2020 година.

Литванија досега држеше отворени два гранични премина со Белорусија, во Салчининкаи и Медининкаи, откако ги затвори другите четири премини во 2023 и 2024 година, по почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

ИЗДВОЕНИ