„Линеарна хармонија“ – изложба на Филип Перески во МКЦ

13

На 6 ноември, во 20.00 часот, во Галерија МКЦ ќе биде отворена изложбата „Линеарна хармонија“ на Филип Перески.

-Реконтекстуализацијата на линијата врз дводимензионалната површина на сликарското платно и истражувањето на нејзините бескрајни можности се главни одлики во сликарството на академскиот уметник Филип Перески. Спонтаните искривени линии создаваат динамичност и флуидност на дводимензионалната површина. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активен однос и слободна креативна игра меѓу ликовните елементи—контраст и градација на линијата и бојата. Уметникот изразува енергична динамичност и хаотичност во слободните отворени композиции преку хоризонтално протегнување и вертикално извишување на линиите, нивните брзи градации и збиена густина. Повторувајќи ги експресивните контрастни линии, тој дополнително создава длабочина во асиметричните композиции. Со искривување и раскршување на линијата, уметникот создава густо ткаење на експресивни односи, каде хаотичната хармонија и редот коегзистираат во визуелна рамнотежа. Ослободувајќи ја композицијата од геометриска строгост, автентичниот ликовен јазик на Филип Перески спонтано еволуира во апстрактно-асоцијативен израз, посочува м-р Викторија Димеска, историчар на уметност за изложбата.

Филип Перески (роден 1990 во Прилеп, Македонија) дипломира 2013 год. на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на катедра за ликовна педагогија, насока вајарство во класата на професор Станко Павлески. Член е на друштвото на ликовни уметници Прилеп (ДЛУП). Моментално живее и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп.

Изложбата ќе трае до 15 ноември.

ИЗДВОЕНИ