Францускиот претседател Емануел Макрон, германскиот канцелар Фридрих Мерц, британскиот и полскиот премиер Кир Стармер и Доналд Туск денес упатија заеднички повик до Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје, гарантирајќи зголемена поддршка за Украина.
„Ние, лидерите на Франција, Германија, Полска и Обединетото Кралство, ќе застанеме во Киев во солидарност со Украина против варварската и нелегална руска агресија од сите размери“, се вели во соопштението, издадено пред пристигнувањето на четворицата лидери во Киев.
Тие ја повторија својата поддршка за повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за мировен договор и ја повикаа Русија да престане да ги попречува напорите за обезбедување траен мир. „Се придружуваме на Соединетите Американски Држави во повикот до Русија да се согласи на целосно и безусловно 30-дневно примирје за да се создаде простор за преговори за праведен и траен мир“, се вели во соопштението на веб-страницата на британската влада.
Лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија изразија подготвеност „што е можно поскоро да ги поддржат мировните преговори, да разговараат за техничката имплементација на прекинот на огнот и да се подготват за склучување на целосен мировен договор“.
„Јасни сме: крвопролевањето мора да престане, Русија мора да ја запре својата нелегална инвазија, а Украина мора да може да се развива како безбедна, сигурна и суверена држава во рамките на своите меѓународно признати граници за генерациите што доаѓаат“, рекоа четворицата лидери.
Тие рекоа дека ќе продолжат да ја зголемуваат поддршката за Украина. „Додека Русија не се согласи на траен прекин на огнот, ќе го зголемиме притисокот врз руската воена машинерија“, рекоа четворицата лидери.
Лидерите на Франција, Германија, Полска и Велика Британија, исто така, планираат да одржат виртуелен состанок со други лидери од „коалицијата на добронамерните“, во која ќе биде вклучен и украинскиот претседател Володимир Зеленски „за да ги информираат другите лидери за напредокот во формирањето на идна коалиција на воздушни, копнени, поморски и спасувачки сили што ќе помогнат во обновата на вооружените сили на Украина по каков било мировен договор и ќе ја зајакнат довербата во идниот мир“, пренесува Танјуг.