среда, октомври 21, 2026
Дома МАГАЗИН Летно или зимско сметање на времето – кое е поздраво и зошто?

Летно или зимско сметање на времето – кое е поздраво и зошто?

0

Викендов повторно ќе ги поместиме стрелките на часовниците, а преминувањето на зимското сметање на времето, повторно се поставува прашањето што со години предизвикува дебати: дали воопшто треба да го менуваме времето и, доколку оваа практика се укине, кое сметање на времето би било подобро да се задржи?

Научниците имаат прилично јасен одговор. Според една нова научна анализа, трајното зимско сметање на времето би било покорисно за човековото здравје отколку трајното летно сметање на времето, пренесува Индекс.хр.

Зошто зимското сметање на времето е подобро?

Истражувачи од Универзитетот на Британска Колумбија во Канада ги анализираа постоечките научни студии за влијанието на различните системи за сметање на времето врз човечкото тело.

Нивните наоди, објавени во списанието Canadian Medical Association Journal, сугерираат дека доколку се укине сезонското менување на времето, би било подобро трајно да се усвои стандардното време – односно зимското сметање на времето.

Главната причина е утринската светлина.

Нашите тела поседуваат внатрешен биолошки часовник кој ги регулира спиењето, будноста и бројни други физиолошки процеси. Утринската дневна светлина помага овој часовник да се синхронизира со природниот ритам на денот и ноќта, додека зголемената изложеност на светлина во вечерните часови може да го одложи почетокот на спиењето.

Следствено, трајното летно сметање на времето – особено во текот на зимските месеци – би можело негативно да влијае врз квалитетот и времетраењето на сонот.

Патрик Бејлис од Универзитетот на Британска Колумбија објаснува дека привлечноста на трајното летно сметање на времето е разбирлива. Луѓето сакаат да имаат повеќе дневна светлина по работа или училиште, но истражувањата покажуваат дека подоцнежното изгрејсонце може да биде поврзано со помалку сон, помала продуктивност и послаб успех во учењето.

Проблемот лежи во темните зимски утра.

Научниците особено предупредуваат на последиците што трајното летно сметање на времето би можело да ги има во текот на зимата. Во такво сценарио, сонцето би изгревало еден час подоцна отколку што тоа се случува според стандардното (зимско) сметање на времето. Тоа значи дека многу ученици би тргнувале на училиште, а вработените на работа, додека надвор е сè уште темно.

Покрај потенцијалното влијание врз сонот и концентрацијата, постојат и грижи во однос на безбедноста во сообраќајот – особено кога станува збор за децата на пат кон училиште. Некои земји претходно се обидоа да воведат трајно летно сметање на времето, но подоцна се откажаа од таа одлука. Соединетите Држави воведоа трајно летно сметање на времето во 1974 година, но одлуката беше поништена истата таа година.

Русија го применуваше истиот систем од 2011 до 2014 година, по што се врати на стандардното време. Слична одлука донесе и Чиле.

ИЗДВОЕНИ