Повеќе од еден милион луѓе сè уште се принудени да живеат на мало парче земја, а нивното здравје е сериозно загрозено од лошите услови за живот во јужна Газа, соопшти „Лекари без граници“, пренесе хрватски „Индекс“.
Организацијата во соопштението наведува дека раселувањето, заедно со масовното уништување на цивилната инфраструктура и здравствениот систем од страна на израелските сили, создава совршени услови за ширење на болести во областа, објавува „Ал Џезира“.
„Израелските власти треба веднаш да дозволат масовно зголемување на хуманитарната помош во Газа“, се вели во соопштението.
„Лекари без граници“ изјавија дека „двегодишната геноцидна кампања“ на Израел ги оставила луѓето во Газа „трауматизирани, повредени и опасно изложени“ на повеќекратни опасности како што се приближува зимата.
„Без итни подобрувања во водата, санитарните услови, засолништето и исхраната, повеќе луѓе ќе умрат од целосно спречливи причини“, се вели во соопштението.
Турција ги повика САД да дејствуваат, обвинувајќи го Израел за кршење на договорот за прекин на огнот во Газа. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Вашингтон и неговите сојузници треба да размислат за санкции и замрзнување на продажбата на оружје за да го принудат Израел да го почитува договорот.












