Деновиве Куманово пулсираше за убавата литература, а публиката не ги штедеше аплаузите и пофалните зборови за гостите на четвртото по ред издание на Меѓународниот фестивал на проза 2025 што се одржа на 28 и 29 мај во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“.
Првата вечер (28 мај) кога и се отвори фестивалот гости беа: Весна Мојсова-Чепишевска, Оља Стојанова од Бугарија и Огнена Никуљска, а модератор беше Душко Крстевски. Гостите зборуваа за книжевноста во новиот светски поредок и литературата денес на нашиве простори во корелација со европската и светската. Дискусијата беше жива и динамична бидејќи беа отворени теми и за нашиот македонски јазик, неговата употреба во секојдневието и напливот на зборови од други говорни подрачја и јазици посебно од англискиот кои доста често имаат негативно влијание во зачувувањето на македонскиот јазик.
Вториот ден на фестивалот имаше интерактивна работилница за деца која ја водеше писателката Ана Голејшка Џикова при што им прочита детска книга по што тие ја употребија својата креативност и цртаа цртежи во врска со тоа што го слушаа и запомнија од прочитаното. Исто така, во рамки на работилницата, се отвори изложба од слики и илустрации за книги на деца од илустраторката Иванка Ниба.
Гости на втората вечер беа Лидија Димковска, Наташа Сарџоска и Филип Грујиќ од Србија, а модератор беше Ана Јовковска. Гостите зборуваа за своите романи и ја опишуваа денешава реалност која сите ја живееме и перципираме.
Меѓународниот фестивал на проза започна како идеја пред четири години и успешно се реализираше и годинава со финасиска поддршка од Министерство за култура од годишната програма.
Фото: Центарот за култура „Трајко Прокопиев“

ИЗДВОЕНИ