Четвртата сесија во рамките на Форумот, чиј домаќин беше министерот за култура и туризам Зоран Љутков, носи наслов „Уметноста како алатка за дипломатија: Градење мостови преку култура/Оспособување на креативните индустрии за одржлив раст и меѓународен дијалог“. Говорници во дебатата беа Абдулазис Отман Алтваиџри, генерален директор на ИСЕСКО; Бенедето Закироли, претседател на Европската коалиција на градови против расизмот; Пенг Гуан, основач на Меѓународното азиско културно друштво и Мелпомени Корнети, заменик-министер за култура во периодот 2002 – 2006 година.
Во своето обраќање, министерот Љутков посочи дека во свет во кој политиката сè почесто се соочува со ограничувања, а економските интереси се менуваат во зависност од глобалните кризи, културата останува таа тивка, но моќна сила што ги обединува луѓето.
„Културната дипломатија ja претставува најфината форма на меѓународна комуникација – мост што се протега преку различностите, надминува граници и создава нови можности за разбирање, соработка и трајно пријателство меѓу народите. Таа не зборува преку декларации и договори, туку преку симфонии, уметнички дела, поетски гласови и културни гестови што ја допираат душата“, рече Љутков.
Тој нагласи дека македонската култура е богата не само по своето историско наследство, туку и по својата современа виталност.
„Културната дипломатија е суптилен и заемен процес на размена – процес во кој автентичноста не се губи, туку, напротив, станува мост кон подобро разбирање. Културната дипломатија не упатува на самопромоција, туку кон споделување на суштината на идентитетот, креативноста и визијата на еден народ“, рече Љутков.
Министерот потсети дека Македонија низ годините остави препознатлив културен печат на меѓународната сцена, преку блиска соработка со УНЕСКО, Советот на Европа и други релевантни организации, како: Франкофонијата, Форумот на словенските култури и Алијансата на цивилизациите.
„Од Биеналето во Венеција, преку интернационалните саеми на книгата во Франкфурт, Париз и во Лајпциг, до настапите на Националната опера, Националната филхармонија, театрите, ансамблите за народни песни и игри, нашата култура зборува јазици на уметноста што ги разбира целиот свет. Преку манифестации, како Денови на македонската култура, во реномирани европски центри, па сѐ до трајното одбележување на ’Македонија во чест на Св. Кирил‘, нашата држава се позиционира како активен учесник во креирањето на европската културна иднина“, подвлече министерот за култура и туризам.
Љутков порача културната дипломатија да не биде маргинален концепт, туку централна компонента на нашата надворешна политика.
„Културната дипломатија не е монолог. Таа е разговор меѓу идентитети. И кога се води со искреност и почит, таа не само што гради мостови – таа ги руши ѕидовите на незнаењето и стереотипите. Затоа културната дипломатија не треба да биде маргинален концепт, туку централна компонента на нашата надворешна политика“, рече Љутков.