вторник, септември 1, 2026
Дома СВЕТ Кулминира конфликтот во Пентагон: Трамп остана без важен човек

Кулминира конфликтот во Пентагон: Трамп остана без важен човек

0
EPA/JIM LO SCALZO

Секретарот на американската армија, Ден Дрискол, поднесе оставка до претседателот на САД, Доналд Трамп, по повеќемесечни несогласувања со секретарот за одбрана Пит Хегсет околу идниот правец на развој на американската армија и смените на високи воени офицери.

Се очекува Дрискол да го напушти Пентагон во наредните неколку дена.

Портпаролката на Белата куќа, Ана Кели, го пофали неговиот ангажман, наведувајќи дека Дрискол обезбедил „исклучително лидерство за време на историски воени операции“, повторно го ставил фокусот на борбената готовност и учествувал во преговорите меѓу Русија и Украина.

Таа додаде дека, благодарение на неговата работа, американската армија е „посилна од кога било“.

Според „Атлантик“, Дрискол своите стравувања за иднината на американската армија на крајот директно му ги изнел на Трамп. Наводно, претседателот бил изненаден од бројот на искусни команданти со борбено искуство кои биле сменети или заобиколени при унапредувањата за време на мандатот на Хегсет.

Дрискол предупредувал дека, поради заминувањето на високи офицери, армијата „не може да се трансформира на начинот на кој е потребно“.

Неговите несогласувања со Хегсет кулминирале по смената на генералот Ренди Џорџ во април, а кратко потоа и на генералот Крис Донахју.

Со заминувањето на Дрискол, американската армија останува без цивилен или воен лидер потврден од Сенатот.

Функцијата началник на Генералштабот привремено ја извршува генералот Кристофер ЛаНев, додека должноста секретар на армијата, на краток рок, се очекува да ја преземе потсекретарот Мајкл Обадал.

Дрискол, кој поради својот ангажман во модернизацијата на американската армија го доби прекарот „човекот за дронови“, како цивилен секретар раководеше со годишниот буџет на армијата и со системот во кој се вклучени повеќе од еден милион активни припадници, членови на Националната гарда и резервисти, како и повеќе од 330.000 цивилни вработени.

ИЗДВОЕНИ