четврток, октомври 15, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Кривична за тројца во случајот со момчињата од Сарај

Кривична за тројца во случајот со момчињата од Сарај

0

МВР поднесе кривични пријави против три лица во врска со настанот од 7 октомври на улицата „Црногорска“ во Скопје, кога при полициска интервенција беа повредени две момчиња од Сарај, а еден полициски службеник остана без службениот пиштол. Истовремено, во случајот Одделот за внатрешна контрола проверува дали имало неправилности во постапувањето на полицајците, односно дали полицијата извршила насилство врз нив.

Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, на 14 октомври поднела кривична пријава против Е.П. (21) и П.А. (24) за „спречување службено лице во вршење службено дејствие“ и „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. Против М.Т., за кого полицијата има сознанија дека е поврзан со случајот, е поднесена пријава за кривично дело поврзано со дрога.

Според полицискиот опис на настанот, на 7 октомври, околу 20.25 часот, полицијата добила оперативни сознанија дека ќе се изврши купопродажба на марихуана. Полициските службеници поставиле заседа за возило „бмв“ со скопски регистарски ознаки и му дале знак да запре заради легитимирање и преглед.

Но, како што наведува МВР, возачот го стартувал автомобилот, удрил во бандера и во истиот момент низ прозорецот фрлил кеса со марихуана. Потоа, кога полициски службеник го извадил службениот пиштол и наредил „Стој, полиција“, лицето од совозачкото место му го одзело оружјето, по што возачот повторно тргнал со автомобилот и побегнал.

Полициски службеници од блиската околина се упатиле во потера по возилото, кое со голема брзина се движело по улицата „Ѓорче Петров“ кон автопатот Скопје – Тетово. Според МВР, возачот не застанал и покрај звучните и светлосните сигнали на полицијата. Еден полициски службеник испукал и три предупредувачки проектили во воздух.

Потерата завршила на автопатот, каде што „бмв“-то удрило во банкина и се извртело. Од автомобилот излегле П.А. (24) и Е.П. (21), кои биле лишени од слобода. Полицијата го одзела службениот пиштол, а при пребарување на теренот ја пронашла и кесата со марихуана.

Случајот предизвика реакции откако ДУИ објави фотографии од повредените момчиња и видео за кое тврдеше дека прикажува полициско насилство. По објавите, МВР соопшти дека внатрешната контрола утврдила неправилности во постапувањето на шест полициски службеници, против кои најави дисциплинска постапка и суспензија.

Во најновото соопштение МВР потврдува дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди презема мерки за да ги испита евентуалните неправилности при полициската интервенција. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ