Kривичниот суд утре ќе одлучува по жалбата на Основното јавно обвинителство – Скопје дали куќниот притвор за напаѓачот на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, ќе го преиначи во затворски. Јавниот обвинител веќе достави предлог до судот за определување мерка притвор поради опасност од повторување на делото и можност за бегство.
Во саботата ОЈО Скопје отвори постапка против две лица по инцидентот во петокот на улицата „Севастополска“ во Чаир, при што физички беше нападната Арсовска. Според обвинителството, првоосомничениот маж, кој се претставил како сопственик на нелегален објект во градба, ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката, а потоа и физички ја нападнал додека таа, заедно со вработени од градските служби, вршела вонреден надзор на терен по добиена пријава.
Инцидентот се случил во присуство на полициски службеници и членови на градската администрација. Откако бил спречен од присутните, со вербални закани се вклучил и второосомничениот, кој дополнително ја ескалирал ситуацијата.
– Со своето однесување, двајцата осомничени предизвикале чувство на несигурност, загрозеност и страв кај присутните лица – соопштија од обвинителството.
За второосомничениот се предложени мерки на претпазливост: забрана за приближување и контакт со оштетените, забрана за напуштање на живеалиште, одземање на патна исправа и редовно јавување во судот.
Со ваквиот предлог на јавниот обвинител не се согласува Арсовска, која место куќен, побара ефективен притвор за напаѓачот.
– Истиот тој суд кој му даде на напаѓачот на новинарот во Визбегово притвор, за командантот од Чаир одреди куќен притвор. Јавното обвинителство ја обжали одлуката на судот за куќен наместо ефективен притвор, за командантов што го пуштија да одмора дома и да планира како да ми го ликвидира семејството – реагира Арсовска.
Во дел од медиумите се појави снимка на која се гледа како машко лице се доближува кон Арсовска, таа оди наназад, а потоа му удира клоца. Од втора снимка, наводно направена од телефонот на Арсовска, се гледа како машкото лице посегнува по нејзиниот телефон со кој таа снима. Арсовска преку нејзиниот фејсбук-профил објаснува дека снимката која е службена тајна и дел од истражна постапка, МВР сами ја лиферувале во медиуми.
– Скратен е делот како ме напаѓа и потенциран е делот каде се бранам, за напаѓачот да го прават жртва. По 3 часа во болница каде бев придружувана од интервентна полиција, ми се констатирани трауми, по што бев во станица и откако ме држеа повеќе од два и пол часа и се обидуваа да ги сменат околностите и изјавата, прашувајќи зошто сум била таму, што мајка сум барала, не сум требала да одам, станав и заминав. Среќа, Основното јавно обвинителство Скопје постапи по доказите и изјавите – пишува Арсовска.
Од МВР ѝ одобрија 24-часовно полициско обезбедување и дека се постапува професионално и согласно со надлежностите во секој поединечен случај поврзан со безбедноста на Арсовска.
– Одлуката е донесена врз основа на безбедносна процена подготвена од Агенцијата за национална безбедност. Градоначалничката ќе биде контактирана од надлежните служби за да се координираат активностите поврзани со личната заштита – соопштија од МВР.
Од МВР презентираа хронологија на неколку инциденти. На 1 јуни, градоначалничката била следена и загрозена од возило во движење. Иако таа не го пријавила случајот, полицијата постапила по оперативни сознанија, прибирала докази и поднела кривична пријава по член 144 став 4 од Кривичниот законик.
На 2 јули, Арсовска преку социјалните мрежи објави дека добила закана од лице за кое тврдела дека е полициски службеник. Веќе следниот ден, Одделот за внатрешна контрола спровел увид и поведена е дисциплинска постапка против осомничениот.
На 5 јули, беа објавени информации за закани кон советничката Ирена Витина. Според МВР, советничката одбила да дојде во полициска станица, но службени лица извршиле теренска посета и прибрале податоци.
На 11 јули, по инцидентот во Чаир при инспекциски надзор, Арсовска добила лекарска помош, а осомничените лица веднаш биле приведени. Сепак, градоначалничката одбила да потпише записник за пријава и го напуштила полициското одделение, избирајќи повторно јавна комуникација преку социјалните мрежи, наместо директно со институциите.
– Во врска со овој последен настан, МВР веќе поднесе кривична пријава против две лица – С.Љ. и С.Љ., за кривично дело „Насилство“ по член 386 став 3 од Кривичниот законик. Министерството остро ги отфрла тврдењата дека не постапува навремено и наведува дека секој случај се третира со законска процедура, транспарентност и професионализам. Апелираме до сите јавни функционери да не ги користат медиумите и социјалните мрежи како замена за институционална комуникација. Навремено пријавување во МВР е клучно за ефикасна заштита и разрешување на секоја потенцијална закана – порачаа од Министерството.
Нападот врз Арсовска го осудија од општина Чаир потенцирајќи дека никој од институцијата не е поврзан со настанот.
– Општина Чаир најостро го осудува инцидентот што се случи помеѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, и неколку лица на територија на Општина Чаир. Ваквите дејства се неприфатливи и претставуваат сериозно нарушување на нормите на однесување во едно демократско и цивилизирано општество – велат од Општината.
Премиерот Христијан Мицкоски ги повика институциите да постапуваат и да го решат инцидентот.
– Државата има институции, ги повикувам да постапуваат по случајот. Што се однесува до градоначалничката на Скопје многу работи се кажаа, не би имал што да додадам – рече кратко Мицкоски.
Инцидентот во Чаир предизвикува реакции во јавноста. Од Националниот совет за родова еднаквост упатија јавна реакција со најостра осуда на бруталниот напад врз градоначалничката Данела Арсовска и нејзиниот тим од жени вработени во Град Скопје.
– Овој чин на насилство не е само физички напад врз индивидуи, туку е и напад врз сите жени кои се активни во јавниот и политичкиот живот. Жените во политиката веќе се соочуваат со постојан притисок, дискредитации и сексизам, а физичкото насилство е крајно недозволиво и мора веднаш да биде санкционирано. Насилството не смее да стане алатка за политички пресметки или за заплашување на жените лидери. Бараме институциите да реагираат итно и одлучно, а јавноста да покаже солидарност и поддршка за сите жени кои храбро чекорат по патот на јавна служба. Безбедноста и достоинството на жените во политиката се темел на еднакво и демократско општество – велат од Националниот совет за родова еднаквост.
Од Град Скопје преку соопштение до медиумите, известија дека и покрај увидот на терен во петокот и поднесената пријава до надлежните органи за небезбедна зграда дивоградба која без документи се гради на булевар „Никола Карев“, продолжуваат градежните активности на истата дивоградба.
– Работата се одвива непречено, пред очите на Министерството за внатрешни работи, без никаква интервенција и без реакција од другите надлежни институции. Овој случај уште еднаш го отвора прашањето каде се институциите и зошто не постапуваат? МВР, државната градежна инспекција на Министерството за транспорт и општинските градежни инспекциски служби на општина Чаир имаат законска обврска веднаш да го спречат понатамошното незаконско градење и да обезбедат соодветна одговорност за сите инволвирани. Граѓаните имаат право на уреден, безбеден и законски регулиран простор. Толерирањето на небезбедни дивоградби, особено кога тие се градат и по официјално поднесени пријави, е директно кршење на правниот поредок и ја поткопува довербата во институциите. Се потврдува изјавата на еден од полициските службеници каде бевме скоро 3 часа во полициска станица Кисела Вода, дека на определена територија во општина Чаир немаат никаква моќ на постапување. Очекуваме итна реакција да се спречи беззаконието, законот мора да важи еднакво за сите – вели Ирена Витина, член на Советот на Град Скопје, која во петокот беше сведок на инцидентот кога скопската градоначалничка беше нападната.