Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, денес изјави дека има проблем во Белград и дека суровото насилство и вандализмот на улиците мора итно да престанат.
„Имаме проблем во Белград. Очекуваме полицијата да дејствува соодветно и да ги почитува основните права“, рече Кос по средбата со австриската министерка за надворешни работи Беате Мајнл-Рајзингер во Виена.
Кос додаде дека изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на парламентот, Ана Брнабиќ, во кои ги навредуваа членовите на Европскиот парламент, „нема да го подобрат мислењето на ЕУ за Србија“.
„Ако ги наречете членовите на Европскиот парламент олоши, тоа покажува сомнително разбирање на демократијата“, рече Кос во видео објавено на платформата „Икс“.
Таа им советуваше на српските власти да се фокусираат на реформите за членство во ЕУ, за кои, додаде, таа и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се залагаа.
„Изградете независно судство, кое ефикасно ќе се бори против корупцијата. Ослободете ги медиумите и осигурајте се дека тие известуваат независно. Спроведете изборни реформи што ќе обезбедат дека само волјата на граѓаните на Србија одлучува за мнозинството во парламентот“, рече Кос.
Таа заклучи дека ова е можен излез од кризата и дека демократијата и владеењето на правото се барања што се подразбираат за кандидатите за членство во ЕУ.