Народниот театар Битола со претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија и адаптација на Џон Блондел, вечерва, во 18 часот, гостува на јубилејното 10. издание на меѓународниот театарски фестивал „Дирекшн ист“ во Бјалисток, Полска. Со ова гостување, претставата го продолжува европското патување по претходните настапи на „Шекспир фринџ фестивал“ во Верона и „Магичните ноќи во Бутринт“ во Саранда, но и на „Охридско лето“. Со ова гостување, македонскиот театар продолжува да гради мостови преку уметноста.

– Секое гостување надвор од границите на нашата земја е повеќе од сценски настап – тоа е можност македонската култура да биде видена, слушната и препознаена. Учеството на фестивал од меѓународен карактер отвора простор за размена на уметнички искуства, нови професионални контакти и идни соработки, а воедно го потврдува местото на Народниот театар Битола во современиот европски театарски простор. Токму преку ваквите гостувања, театарот станува културен амбасадор на својата земја – носејќи ги со себе јазикот на уметноста, креативноста на нашите уметници и приказните што ги поврзуваат различните култури, велат од Битолскиот театар.

Во претставата играат: Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска-Илиевска. Претставата која е современа адаптација на безвремената трагедија на Вилијам Шекспир отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството.

Според директорот на Народниот театар – Битола, Васко Мавровски, се работи за многу интересна претстава со нова естетика, која од 40-тина ликови е сведена само на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.

– Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека тоа ќе трае два часа и повеќе. Ние во само 80-тина минути направиме многу добра и естетски поткована претстава на еден наш препознатлив јазик, односно препознатлив и за режисерот Блондел, кој по стоти пат го покажува тоа на сцена, појаснува Мавровски.

Асистент на режија е младиот уметник и режисер, Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајн на светло – Џонатан Хикс, светло мајстор –Горан Петровски, музика – Александар Димовски, видео – Владимир Переловски, инспициент – Оливер Петровски и суфлер – Мирјана Христовска. (Д.Т.)

ИЗДВОЕНИ