Конкурсот за наградата за најдобар превод „Драги“ 2025, на издавачката куќа „Антолог“, ќе трае до 1 јули.

За наградата може да се учествува со прозни книги во превод на македонски јазик, објавени во периодот меѓу 1 јули 2024 и 30 јуни 2025 година. Објавените книги мора да бидат преведени од оригиналниот јазик, а може да се конкурира со дела преведени од „живи“ и од класични јазици (арапски, старогрчки, санскрит и латински јазик).

– До минатата година, наградата се доделуваше за превод на дела од сите книжевно-уметнички видови: проза, поезија, книги за деца и драма. Со цел порамноправен мериторен систем и соодветно вреднување на различните предизвици што секој книжевен вид ги поседува, од годинава ќе се воведе приоритетна категорија, која ќе се менува секоја година. За 2025 година, приоритетна книжевна категорија ќе биде прозата (фикцијата) и ќе опфаќа: романи, збирки раскази, есеистика, дневници и сл. Следната година, приоритетен вид ќе биде поезијата, во 2027 – книжевноста за деца, а во 2028 во фокус ќе биде драмата – соопштуваат од издавачката куќа.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ се состои од плакета и статуетка „Драги“ и од паричен дел, кој изнесува 40.000 денари, и е воспоставена за да се направи вреднување на преведувачката дејност во Македонија, како и да се истакнат вредноста и важноста на преведувањето за нашиот културен простор.

ИЗДВОЕНИ