Министерството за финансии изврши исплата од 785 милиони денари кон Развојната банка за поддршка на домашните компании. Станува збор за седма транша која се префрла од централниот буџет кон Развојната банка, од средствата наменети за поттикнување инвестициски циклус во приватниот сектор од околу 300 милиони евра.
– Со оваа транша, износот што државата го има инјектирано во домашната економија за поддршка на инвестиции надминува 200 милиони евра. Имено, преку шест исплатени транши се пласирани 190,5 милиони евра. Средствата што во Буџетот за 2025 година се проектирани на ниво од 250 милиони евра се обезбедија по поволни услови од унгарската Експорт-импорт банка и исто така по поволни услови се пласираат кон крајните корисници, односно домашните компании. Каматната стапка на годишно ниво изнесува 1,95 % и рок на отплата до 15 години со грејс-период до 3 години – велат од Министерството за финансии.












