Стартапот за вештачка интелигенција „ИксВИ“, во сопственост на Илон Маск, поднесе тужба против маж од Јужна Каролина. Компанијата го обвинува за злоупотреба на нивниот систем за вештачка интелигенција „Грок“ (Grok) за создавање материјал што прикажува сексуална злоупотреба на деца.
Обвинетиот Тери Харвуд беше уапсен претходно оваа година под обвинение за сексуална експлоатација на малолетно лице. Ова е еден од првите случаи компанија за вештачка интелигенција да тужи корисник за вакви обвинувања, пишува „Гардијан“.
Тужбата е поднесена завчера во федералниот суд во Тексас. Во неа, „ИксВИ“ тврди дека Харвуд ги прекршил условите за користење. Контакт информациите за Харвуд, кој беше уапсен во февруари, не беа достапни, а портпаролите на „ИксВИ“ не одговорија веднаш на барањето за коментар вчера.
Тужбата против Харвуд доаѓа откако „ИксВИ“ се најде под силен глобален притисок поради обвинувањата дека неговиот систем Grok AI им дозволува на корисниците да креираат реалистични сексуализирани видеа, таканаречени дипфејкс, без согласност на снимените лица.
Тие бараат парична отштета и забрана за користење на „Грок“ (Grok).
Во тужбата се наведува дека компанијата ги спроведува своите политики против прекршителите со суспендирање и затворање на сметки и пријавување сомнителни материјали до Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца. xAI тврди дека Харвуд поставил несексуални фотографии од возрасни и малолетници на „Грок“.
Потоа, според тврдењата на компанијата, тој се обидел да го користи системот за да генерира сексуално експлицитни deepfakes врз основа на тие фотографии. Во тужбата се додава и дека создал сексуални слики од возрасни без нивна согласност.
Компанијата бара од судот парична отштета од неодреден износ и судска наредба со која трајно ќе се забрани Харвуд да го користи Грок. „Дејствијата на обвинетиот претставуваат пресметан план за злоупотреба на алатките на тужителот за криминални цели. Со тоа, тој ги изложил вистинските жртви на длабока и трајна штета, а тужителот на значителен правен ризик и штета на неговиот углед“, се наведува во тужбата на „ИксВИ“.












