КОЛУМНА, ЗВОНКО ДАВИДОВИЌ: Во име на граѓаните

468

Со децении се зборува за независноста на судството, со децении се зборува за реформи кој никој не ги спроведува едноставно се останува само на гол збор, лажно предизборно ветување. Постојаните критики на правосудството, пред сè на судството и обвинителството, од домашната и меѓународната стручна јавност ниту допираат до судиите и обвинителите, а особено не допираат до функционерите кои раководат со судовите и обвинителствата, ниту до другите јавни функционери во извршната и законодавна власт. Сè се извршува со кучињата лаат, а караванот си врви.

Недовербата на народот во судството и аргументираните критики на домашните и меѓународни експерти се релативизираат преку партиските ботови на социјалните мрежи, партиските прес-конференции и судските соопштенија. Сите овие јавни обраќања имаат една единствена цел, да спинуваат, да ги релативизираат критиките и да го оправдаат она што е предмет на дискусија, критика, сомневање. Со ваквото однесување, кое повеќе личи на правдање, особено кога се во прашање аргументирани критики, различни одлуки за иста фактичка и правна ситуација, само се подгреваат и продлабочуваат сомневањата и шпекулациите.

Една од многуте критики е и околу нетранспарентноста на судството и обвинителството која владее особено кога се во прашање „големи“  предмети кои предизвикуваат јавен интерес и ја брануваат јавноста. Најчесто нема никакви  реакции од правосудството, освен кога со упатените  критики е погоден некој кој си ја ишка мувата од капата. Дури ни тогаш во соопштението нема аргументиран одговор  на критиките и загатнатите прашања туку терковски се прераскажува она што ѝ е познато на целата јавност и секогаш завршува со формулацијата да не се врши притисок на судството и да не се дискутираат и коментираат судските одлуки.  Ваквите соопштенија се контрапродуктивни и смешни од неколку причини.

Јавна тајна е, а и оценка е на сите експерти и сите извештаи, дека судството е исполитизирано и клиентелистички ориентирано.

Смешно е судството да се брани од критики на јавноста, а молчи за притисоците, исполитизираноста, нешто што е констатирано не само од меѓународните и домашните експерт, извештаите меѓу нив  и оној на Прибе, јавните критики на амбасадорите на земјите кои вложија огромни средства во нашето судство, туку и од самите судии во анонимната анкета што ја спроведе ОБСЕ меѓу судиите. Второ, никогаш, ама никогаш, не се издало соопштение кога челниците на извршната власт критикуваат, лицитираат и се расфрлаат со постапки, казни, судски одлуки, тогаш правосудството молчи и се прави недоветно. Трето, судиите и првите луѓе на судството забораваат во чие име ги носат пресудите. Ги носат во име на граѓаните на Република Македонија, па граѓаните во чие име се донесени пресудите, не само што имаат право да критикуваат туку имаат право и да знаат зошто и како се донесени.

Но кај нас сè е извртено наопачки па судот, како и политичарите, политичките партии, државните институции мислат дека тие се над народот, дека народот постои поради нив. Забораваат дека тие, судиите, обвинителите, функционерите се слуги на народот, а нивна обврска е да ја подобрат државата а со тоа и благосостојбата на народот. Наместо тоа, тие целосно го уништија системот, ја разнебитија државата, го доведоа народот на раб на егзистенција.

Дискутабилно е, а тоа е остаток од претходниот систем, што судиите изрекуваат пресуди во името на граѓаните. Ова беше точно во претходниот систем и државното уредување кога судиите беа избирани од пратениците во Собранието кои беа избрани непосредно од народот, па легитимитетот да судат во името на граѓаните ја црпеа токму од ваквата поставеност на работите. Но со промена на правниот систем и изборот на Судиите од судскиот совет, орган  чиј избор на мнозинство од членовите го вршат самите судии, се доведува во прашање нивната поврзаност и овластувањата во името на народот да правораздаваат.

Но како и да е, најмалку важно е од каде ги црпат овластувањата да правораздаваат, многу побитно е во чие име вистински правораздаваат, ако се имаат предвид исполитизираноста на судството, клиентелистичкиот однос кон власта и секојдневните афери кои само ги потврдуваат и критиките и недовербата.

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ