Постои една земја таму далеку, на југот, во која сонцето грее силно дури и од знамето, но многумина ја нарекуваат Северна. Други, пак, тврдат дека се наоѓа југоисточно, но пак ја нарекуваат Северна и покрај тоа што се наоѓа многу појужно од нив самите. Таа земја не припаѓа никаде, на ниту еден континент, на ниту една организација и здружение, со децении моли да ја примат во некој чуден сојуз на демагози и измамници, но попусто, секогаш некој некаде поради нешто става вето. А причините за вето, барем така пишува во она што го најдов во записите за оваа земја, се прашања на вкусовите и допаѓањата. На едни не им се допаѓа знамето, на други името, на трети она што го пишува за неа во енциклопедиите и историјата, на четврти етничкиот состав и којзнае што уште.
Во оваа чудна земја сè е можно и во исто време невозможно. Во оваа земја е можно да изградиш огромни објекти без одобрение и платени комуналии каде сакаш, но невозможно е тоа некој да го санкционира. Можно е да украдеш од државата и да го оштетиш буџетот за милиони евра, но невозможно е да одговараш за тоа, од друга страна, можно е за три украдени виршли да завршиш во затвор.
Дипломите овде ништо не значат и со нив не можеш да се вработиш, освен ако не се фалсификувани, тогаш можеш да станеш и функционер. Во оваа чудна земја е можно да станеш премиер, претседател, министер без ден работен стаж и искуство, но невозможно е со искуство и диплома да се вработиш.
Невработеноста е огромна, платите се мали, цените високи, но кафеаните и кафулињата се постојано полни.
Земјата е плодна, овде некогаш вирееше најдобриот патлиџан, најдобрите пиперки, грав и ориз, јаболката беа познати и барани ширум светот, но денес земјата стои необработена, а сето ова што некогаш се произведуваше денес се увезува.
Оваа земја е колепка на писменоста и културата, но луѓето се сè понеписмени и понекултурни. Во оваа чудна земја никој не го цени и не се гордее со своето, го плука своето минато, се срами да каже што е и ги крие своите корења и се граба за туѓо државјанство, потекло, идентитет.
Во оваа чудна земја малцинството е мнозинство, а мнозинството е малцинство и има сè помалку права во својата татковина. Малцинството кое ги ужива сите права како да е мнозинство, а краде како да е мнозинство, вее знаме на друга држава. Се школуваат на државни јасли, државата им отвора школи и универзитети за да ги вклопи, но тие сами се гетоизираат, сонуваат за некоја друга држава, на секој можен начин ја подриваат државата која им дала сè, дури и функции. Националниот интерес им е побитен од сè, а добар дел и не го зборуваат јазикот на државата во која се наоѓаат. Мнозинството, пак, кое стана малцинство, воопшто нема национално достоинство и интерес, нема сплотеност ниту црвени линии преку кои не може да се премине. На изборите се избираат помалку лошите затоа што добри нема, избраните продолжуваат на ист начин да владеат и да крадат како оние на чие место дошле. Власта овде нема визија за иднината, освен за личната иднина која е светла и е со полни џебови кои се наполнети од државната каса. Овде на власт доаѓаат гладни и сиромашни, а си одат сити и богати, политиката е најисплатливо занимање за кое не треба ниту многу школо и знаење, ниту квалитети, доволно е да немаш морал и совест.
Наместо патриотизмот, во оваа земја се негува партиотизам и корупција, верноста кон партијата и пастирот се над сè. Во оваа земја се негува некадарност и полтронство, клиентелизам и популизам, политиканство и корупција. Овде е сè обратно и свртено наопачки, народот во оваа земја постои поради власта, а не власта поради народот, судството му служи не на народот туку на извршната власт, а државата ѝ служи на партијата која е на власт.
Во оваа земја кравите се виновни за пожарите, рибите за пресушените езера, магарињата за уништените патишта, гавраните за авиосообраќај, штрковите за наталитетот, чавките за корупцијата, глувците за дупката во буџетот, кучињата за безбедноста, ластовичките за странските инвестиции, странците за сè останато, само одговорните во фотелјите не се виновни за ништо.
Постои една земја таму далеку на југот, во која грее сонце и од небото и од песните и знамето и за која ќе остане само сеќавање доколку се продолжи со ваквиот однос кон неа и на власта и на народот.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)