Пеколно скопско лето, сонцето го топи асфалтот и го вжештува воздухот, ветерот одамна не го разладува градот, го запре и скроти урбаната мафија и гладните и алчни партиски функционери. Народот летаргичен, уморен од жештината, од идиотите кои од држава направија гранапче, од будалштините и празните фалби на функционерите, од сиромаштијата, бедата на духот, изопаченоста, некултурата и простотилакот.
Секојдневни прес-конференции на анонимуси кои заседнале во функционерски столчиња, јавашлак на секој чекор, самофалби и фалоспеви за големо ништо, меѓусебно плукање и обвинување за корупција, не се знае кој е полош и налудничаво навивање на партиските и фејсбук-идиоти за едниот или за другиот криминалец.
Медиумите известуваат за истиве овие шупливи функционерски и партиски прес-конференции, за старлети и кафеански „певаљки“ и нивниот костим за капење, за горештината, за озонската дупка, ланската зима…
Функционерите арогантно и безобразно фучат со службените коли по булеварите со придружба од уште пет возила со ротација како да им е загрозен животот, а не сфаќаат дека се безлични, неинтересни и минливи.
На секое излегување на функционерите во јавноста и млатење празна слама најупотребуваниот збор е „че“, прилепска форма на глаголот „те лажам“ во идно време. Нема, нема па високите државни функционери со лопата в рака ставаат темели на шахта, потпорен ѕид, тротоар од 2,5 метри, а патот кон Охрид слави 30 години од почетокот на работите.
Обвинителството склучува договор за соработка со Казахстан за одземање на имот стекнат со кривично дело, како којзнае кој да ги одлеал парите во Казахстан, ама Швајцарија, Австрија, Грција, Дубаи не се интересни. Кривична постапка против градоначалникот на Крива Паланка, за оној од Чаир ништо, што да правиш обвинителството надалеку слуша, за блиску е глуво.
И додека овој театар, налудничав и несериозен, секојдневно се одвива по улиците, кулоарите, судниците, малите и големите екрани, во градовите Скопје и Куманово се одржува младинска олимпијада. Во Македонија, во овие два града, на гости ни се дојдени 4.000 деца од различни држави за да се натпреваруваат и да ја запознаат нашата земја. Шанса и огромна можност за паметни и нормални луѓе да ги промовираат и нашата земја и спортот, ама очигледно ниту има паметни ниту нормални кај оние чија должност, обврска и надлежност е ваков настан.
Промовирањето на нашата култура, нашите обичаи, природните и културно-историските знаменитости не можеше да добие подобра можност од оваа. Но ниту збор во средствата за јавно информирање за ваков голем настан, никаква медиумска покриеност, никаков интерес и усилба 4.000 млади луѓе да ја запознаат нашата земја, нас, Македонците и да нè промовираат во своите земји. Другите земји околу нас ја користат секоја пригода и секоја можност да се промовираат, дел од нив и ја плаќаат таа можност со големи суми, ние ниту оваа речиси бесплатна можност не знаеме да ја искористиме.
Пеколно топло, младите олимпијци во дресовите на своите држави, достоинствено промовирајќи ја својата земја, шетаат по градот неорганизирано, без водич, без некој што ќе им го покаже сето она што треба да се види. Министерствата и сојузите спијат, а на сет глас се фалат со културата, спортот, туризмот, ама никако од зборови да преминат на дела. Секоја чест на поединци кои на овие млади луѓе со ситни гестови, кои многу значат, им посакаа добре дојде и со ситни мали, но битни работи им го прават престојот пријатен и убав. Надлежните и одговорните институции не се потрудија ни тоа малку да го направат.
Новинарите молчат, побитни им се глупостите, препукувањата и фолирањата на исвирканите ликови кои ја забавуваат јавноста со својата недоветност. За вистински и битен настан никој нема ниту слух, ниту интерес, ама никако да сфатат дека никој нема да нè запознае и да нè засака ако самите не се потрудиме да се претставиме, покажеме и прикажеме, никој нема да нè запомни ниту повторно да се врати ако сме индиферентни и летаргични. И по сè, се прашуваме како тоа никој не нè сака, како тоа немаме надвор ниту еден вистински пријател, затоа што ние не се сакаме самите, затоа што сме недоветни и некадарни да си ги промовираме државата и земјата.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)