„Нацијата што си ја заборава историјата нема иднина“ – во последно време сè почесто се присетувам на овие зборови на Винстон Черчил. Во последните децении, определени кругови на луѓе сè почесто, поупорно и побезобзирно се обидуваат да ја прекројат нашата историја, а со тоа и нашите корени, потекло, нашиот идентитет. Најтрагично е што дел од таа клика се и оние што се родени Македонци или имаат потекло од Македонија, па дури и луѓе кои биле на највисоките државни позиции. Уште потрагично е што нашето образование, нашиот училиштен систем им кумува на ваквите тенденции и ја искривоколчува нашата историја образувајќи млади генерации кои не си ја знаат својата историја, ниту ја познаваат својата татковина. Причините за ваквата состојба и однос се сложени и условени како од интересите, алчноста и хегемонизмот на соседите, така и од глупавоста, подлизурковството и тапоста на домашната клика.
Примерите за ваквиот однос се многубројни, како во учебниците по историја така и во изјавите, однесувањето и билатералните и меѓународни договори кои нашите политиканти ги практикуваат последниве децении.
Најсветлите мигови во нашата историја ги забораваме и дозволуваме тие да се релативизираат или да се маргинализираат. Еден од таквите примери е и Втората светска војна, во која Македонците биле на страна на хуманиот, прогресивен дел од човештвото во борба против фашизмот. Бугарија, Италија, Унгарија, добар дел од скандинавските земји, па и добар дел од Франција, како и многу други земји во тоа време, биле на страна на фашистичката Германија, но ние, за разлика од сите нив, можеме гордо да кажеме дека сме се бореле на страна на прогресивниот и слободоумниот дел од човештвото. Обидите да се намали тогашното зло, ужасите и монструозноста се одраз или на тапоглавост или на некакво лудило, а обидот окупаторите да се наречат администратори се навредливи и безумни.
Но нашата историја ниту почнува ниту завршува со Втората светска војна, Илинден, Крушевската република, Карев, Делчев, Питу Гули, Сандански, Прличев, Шопов и бескрајна низа луѓе, писатели, сликари, борци, дејци од минатото кои нè поврзуваат со денешницата. Малку се зборува и се истражува за нашата историја, а уште помалку Македонци ја знаат и ја познаваат својата историја. Малкумина знаат факти кои кажуваат многу за нашата култура, развиеност, уметност, знаење, умеење и за способноста кога многу други нации допрва се развивале. Само како пример ќе го наведам фактот, кој и јас го дознав скоро, а кој не се изучува во училиштата и кој го нема во ниту еден учебник, дека Јаков од Македонска Каменица во 1567 година заминал за Венеција каде ја напишал и ја објавил првата книга на старословенска кирилица „Часослов“. За споредба, тоа е 207 години пред формирањето на САД како држава, само 61 година од градбата на папската базилика „Свети Петар“ во Ватикан.
Им се восхитуваме на светските достигнувања, градби и историја, не сфаќајќи дека и Македонија може да се пофали со такви достигнувања, градби, историја и чуда, не заостанувајќи зад ниту една земја.
Црквата „Св. Ѓорѓија“ во Курбиново е изградена во 1191 година, што ја прави постара од кулата во Пиза за 181 година, 315 години е постара од базиликата „Свети Петар“ во Ватикан, 457 години од „Таџ Махал“ во Индија, 585 години од формирањето на Соединетите Американски Држави.
Црквата „Св. Пантелејмон“ над Скопје е изградена во 1164 и е 342 години постара од базиликата „Свети Петар“, 484 години е постара од Таџ Махал, 208 години од кривата кула во Пиза.
Црквата „Св. Климент и Пантелејмон“ во Плаошник е изградена 863 година и е постара 643 години од базиликата во Ватикан, 785 години од Таџ Махал, 509 години од кулата во Пиза или 1.026 години од Ајфеловата кула.
Свети Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот „Св. Архангел“ и во 910 година бил погребан во него, манастирот е постар од базиликата во Ватикан 596 години или 462 години од кулата во Пиза.
За црквата „Св. Софија“ во Охрид се спомнува дека била изградена (или обновена) за време на архиепископот Лав, кој во времето од 1035 до 1056 година се наоѓал на престолот на црквата, а други извори тврдат дека на истото место во времето на царот Самуил веќе постоела црква, која од непознати причини била разурната. Времето на изградбата не може точно да се утврди бидејќи не е зачуван ниту еден натпис што би упатувал на тоа. Но дури и со подоцнежниот датум на градба од времето на архиепископот Лав, оваа црква е речиси 500 години постара од базиликата во Ватикан, а повеќе од 800 години од кулата во Пиза.
Самоиловата тврдина, средновековна тврдина во градот Охрид, првично изградена од кралот Филип II Македонски, а подоцна наречена по средновековниот цар Самоил, е изградена во IV век, а вие сами пресметајте колку е постара од денешните светски чуда на кој им се восхитуваме.
Долга е нашата историја, импресивна е и восхитувачка, допира до исконот и ни дава и право и сила да се гордееме, да го сакаме ова парче чудесна земја и да го чуваме и унапредуваме. Секој од нас треба да сфати дека треба да го продолжи, сочува и да го негува она што ни е дадено и подарено од предците низ векови и да се обидеме со дејствување во сегашноста да не бидеме срам за нашите потомци во иднината.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)