КОЛУМНА, ЗОРАН БОГАТИНОВ: Европа создава железна завеса кон Исток

107

И најлошиот мир е подобар од најдобрата војна. Оваа од памтивек поучна индијанска поговорка не доаѓа до ушите на некои од светските големци. Путин на една страна, на втората европските челници. Во што е разликата меѓу длабоко конфронтираните страни кои се сè поблиску до оружено мерење на силите. Путин е еден, Европејците се повеќемина. Во секоја можна воена разврска, командантот е само еден и неговата единствена супериорност ги претпоставува условите за победа. Во европската какофонија, единството е диктирано од големите, малите можат да бидат и топовско месо, и затоа усогласеноста е отежната. Тоа, на последниот европски самит во Копенхаген, им го укажал дежурниот виновник во Унијата, унгарскиот премиер Орбан. Во една од неговите најсвежи пораки на социјалните мрежи, Орбан предупреди на растечката воинственост на одредени европски предводници. Тие сакаат војна, не ги интересира мирот. Ги прекинуваат комуникациите со Кремљ, има сè повеќе предлози за војна на европската маса. Профитабилната испорака на понекогаш и застарено оружје на Киев станува императив за Запад.

Железната завеса на Брисел кон Москва се огледа и во двете одлуки од Копенхаген. Активирање на производството на беспилотни летала, веќе излегоа најновите германски модели, и засилување на источното крило на НАТО. Од Балтикот до Црно Море. Нови фрегати, нови тенкови и авиони, нови топови.  За тоа требаат пари и време да се направи. Европа посакува да ги активира замрзнатите руски средства во европските банки. Во почетокот, станува збор за околу 140 милијарди евра, тоа не е депозитот туку пари од каматите на руските пари гарантирани од белгискиот „Еуроклеар“, чуварот на парите. Еврокомесарката Урсула фон дер Лејен ги убедува останатите членки кои се премислуваа во гласањето дека средствата нема да бидат конфискувани за да не се прекрши меѓународното право. Доколку последново воопшто постои или е тоа само илузија од бомбардирањето на Југославија наваму?

Украина сега е на две води, едната тече од Европа, втората преку Брисел од САД. Европејците купуваат скапо оружје од Вашингтон и го опремуваат Киев. Ништо не е така доходно како што е препродажбата на оружјето во време на војна, најбараната стока за која не се прашува цената. Има тука и воено „лиферанство“ каде што нема припадност кон цел, туку има само профит. Дебел профит. Но, тука има едно меѓутоа. Генералниот Секретар на НАТО, Руте, неодамна изјави дека НАТО, тука веројатно не мисли на Америка, има само 25 насто од неопходниот потенцијал муниција за да се води војна. Следуваше серија средби со бугарските власти и посета на НАТО и на европските челници на капацитетите за наменско производство во Бугарија. Тоа се истите фабрики кои беа бази за производство на оружје за сиот некогашен Советски Сојуз, сега треба да смени калапот бидејќи калибарот на НАТО за пешадиската муниција е 5.56 милиметри додека рускиот или советскиот е 7.62.

Тоа не се прави преку ноќ, на Европа ѝ треба време, па затоа со Украина се калкулира со можно полноправно членство во Унијата. Дури и се слушнаа гласови во Копенхаген за укинување на консензусот, да се воведе принципот на квалификувано мнозинство, односно да се анулира гласот на Будимпешта или, пак, на Словачка, насочен против интеграцијата на Киев. Повторно стигна реакцијата од унгарската дипломатија, реагираше Сијарто, го постави прашањето зошто квалификуваното мнозинство не се однесувало и на Македонија и на Србија, туку сега само на Унгарија, можно и на Молдавија. Во превод, не важат истите правила за сите туку, според Брисел, моите проблеми се и ваши, а вашите проблеми се само ваши. Уште повеќе доколку Украина стане членка на Унијата, тогаш тоа значи дека Русија води војна со Европската Унија. Опасен безбедносен преседан.

Зошто тогаш Европа продолжува да игра по тенкиот раб на сопствената, но и на светската безбедност? Нема каде, вовлечена е во серија непознајници поради следните чекори на Трамп. Или како што велат во Брисел, Путин не ќе застанел само во Украина. Затоа во Копенхаген имало и расправа за забрзано производство на системи против беспилотни возила, таканаречениот европски ѕид против беспилотни возила. Мерц и Макрон не биле заинтересирани за проектот, но затоа државите од европскиот југ притискале поради заштитата на своите граници. Ова стојалиште го застапувал грчкиот премиер Мицотакис, турската политика е блиска на онаа во Кремљ. И Бугарија била против ставот на Германија. Зошто го кажувам ова? Затоа што не можеле да се договорат, повторно во Копенхаген се јавило разногласието иако и НАТО-челникот, Руте, им укажал на „растечките опасности кои доаѓаат од Русија, Кина, Северна Кореја, Иран“.

Европа во Копенхаген требаше да ја договори идната стратегија за одбраната. Во тоа засега не успеа, пишува бриселскиот „Политико“, на Самитот, лидерите на државите зборувале и повеќе од планираното време. Обидот за квалификувано мнозинство пропаднал и поради спротивставувањето на Холандија, Франција и Грција. Сепак, по итно закажаниот состанок што се одржа вон распоредот, се договорија почесто да се собираат и да ја разгледуваат тековната геополитичка состојба во која се најде Европа. Меѓу чеканот и наковалната. Не треба да се заборави фактот дека и еден од лидерите на 50 држави на Подготвените, Лондон, веќе не е членка на Унијата, иако неговата политика кон Кремљ засега соодветствува со Брисел. Во меѓувреме, Путин со повеќе пробни балони ја тестираше силата на Европската Унијата и на НАТО. Или поточно, ги утврди некои од локациите на базите на авионите кои полетаа во Полска, Данска или на Балтикот со руски беспилотни летала. Велат, повеќето од нив биле макети, штих-проба на која наседнала одбраната. Сателитските камери работат.

(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

ИЗДВОЕНИ