Претседателот на Колумбија, Густаво Петро го предупреди својот американски колега да не го загрозува суверенитетот на јужноамериканската земја во услови на ескалацијата на вербалната војна меѓу Богота и Вашингтон.
Американскиот претседател Доналд Трамп на вчерашниот состанок на кабинетот во Вашингтон ја отвори можноста за напад на Колумбија како дел од неговата борба против криминалот со дрога, пренесе ДПА.
– Слушам Колумбија, земјата Колумбија произведува кокаин. Тие имаат фабрики за производство на кокаин, во ред? И потоа ни го продаваат својот кокаин … секој што го прави тоа и го продава во нашата земја е предмет на напад … не само Венецуела, рече Трамп.
Како одговор на коментарите на Трамп, Петро го покани својот американски колега да дојде во Колумбија за да биде сведок на „уништувањето на девет лаборатории за дрога дневно за да се спречи кокаинот да стигне до Соединетите Држави“.
Петро во објава на Х рече дека неговата влада уништила 18.400 лаборатории откако ја презеде функцијата во 2022 година, „без ракети“.
– Дојди со мене, и ќе те научам како да ги уништуваш, една лабораторија на секои 40 минути, но немој да се закануваш на нашиот суверенитет, бидејќи ќе го разбудиш јагуарот, рече колумбискиот лидер.
– Напад на нашиот суверенитет е објавување војна. Немој да уништуваш два века дипломатски односи. Веќе ме клеветеше. Не продолжувај по тој пат. Ако некоја земја помогнала да се спречат илјадници тони кокаин да бидат консумирани од Северноамериканците, тоа е Колумбија, додаде тој.
Односите меѓу Богота и Вашингтон неодамна значително се влошија. Владата на САД го обвинува Петро за недоволна одлучност во борбата против нарко-картелите и воведе санкции кон претседателот.
Американската војска во моментов собира сили во Карипското Море. Во последните недели, уништила околу 20 чамци кои припаѓале на наводни шверцери на дрога, при што загинаа повеќе од 80 луѓе, според американски податоци.
Петро рече дека во тој процес загинал и еден колумбиски рибар, а потоа ја суспендираше размената на разузнавачки информации со Соединетите Држави.
Официјално, владата на САД ја наведува борбата против нарко-картелите како причина за нејзината интервенција. Венецуела, пак, го обвинува Вашингтон дека сака да донесе промена на власта.












