Земјата се тресеше како да е крај на светот. Беа уништени три куќи за секунда. Беа полни со семејства… слушнавме вресоци од под урнатините. Новинарите што сè уште ги ризикуваат своите животи во градот, зборуваат за сцени што е тешко да се опишат. „Ги извлековме децата… но беа разнесени на парчиња“, раскажува сведок на ужасот во градот Газа. Крајнодесничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, вети дека ќе направи населба за израелските полицајци во Појасот Газа. „Дојде време за еврејски населби, за поттикнување на имиграцијата и за донесување закон со кој се воведува смртна казна за терористите“, рече тој
Израелската армија (ИДФ), најжестоко досега, ја спроведува операцијата „Гидеонова кочија 2“ во градот Газа, каде што се проценува дека има околу половина милион жители и 2.500 борци на Хамас.
Две дивизии на ИДФ вчера влегоа во најголемиот град во Појасот Газа од различни насоки, а подоцна им се придружи уште една. ИДФ проценува дека целата операција на чистење на градот од Палестинци и од Хамас ќе трае два-три месеци. Крајнодесничарскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, вети дека ќе направи населба за израелските полицајци во Појасот Газа. На конференција во понеделникот, тој рече дека сака да изгради полициска област „на плажа“ во Газа, опишувајќи ја како совршено место.
– Населбата води кон безбедност. Дојде време за еврејски населби, за поттикнување на имиграцијата и за донесување закон со кој се воведува смртна казна за терористите. Ќе изградиме прекрасен полициски округ таму, со високи згради и со модерен дизајн. Со Божја помош, ќе победиме – рече тој.
Додека трае израелската операција објаснета како чистење на Газа од Хамас, населението живее во пекол. Она што беше некогаш срцето на палестинската енклава, сега е море од урнатини обвиено во чад. Насекаде се слушаат вресоци на луѓе заробени под бетонот на урнатите домови. Израелската армија, според тамошните медиуми, сега има нова тактика наречена „будилник“ за да ги избрка Палестинците. Паѓаат мали бомби покрај засолништата на населението, предизвикуваат мали штети, но со силните експлозии го тераат населението во бегство. Оклопна единица на Израелските одбранбени сили (ИДФ) веќе е во центарот на градот Газа, а тенковите првпат преминаа улица полна со облакодери што беа оштетени, но сè уште стојат.
-Сè се крена во воздух, веднаш ја бомбардиравме областа за да се осигуриме дека ниту еден терорист нема да ја крене главата или да помисли да трча кон тенковите и да постави или фрли експлозиви врз нив. Најголем предизвик ќе биде да се направи сето тоа додека се заложниците во областа – изјави за Ynet началникот на Одделот за гранична одбрана на воздухопловните сили, одговорен за соработка со копнените сили.
Израелската армија објави дека отворила привремена маршрута за евакуација преку улицата „Салах ал Дин“, но жителите велат дека е тоа само илузија.
– Никој не може да помине. Армијата пука во сè што се движи. Гранатирањето е континуирано, а опасноста се зголемува од час во час – велат очајните луѓе.
Еден млад човек од близина на плоштадот „Шо“ го опиша моментот кога се случила експлозијата в зори.
– Се тресеше земјата како да е крај на светот. Беа уништени три куќи за секунда. Беа полни со семејства… слушнавме вресоци од под урнатините. Новинарите што сè уште ги ризикуваат своите животи во градот, зборуваат за сцени што е тешко да се опишат. Ги извлековме децата… но беа разнесени на парчиња – раскажа тој.
Во заеднички апел, повеќе од 20 водечки агенции за помош предупредија дека Газа е на работ на најмрачната фаза од својата историја. Откако Комисијата на ОН првпат заклучи дека е извршен геноцид, агенциите порачаа: „Она што го гледаме не е само хуманитарна катастрофа. Тоа е геноцид. Сведоци сме на ужасни смртни случаи и страдања на луѓе што немаат каде да бегаат“. Лидерите предупредуваат дека хуманитарната помош се претвора и во смртоносна стапица, со илјадници луѓе погодени од куршуми додека се обидуваат да стигнат до храна и до вода.
Против операцијата на ИДФ се и дел од Израелците. Во изминатите повеќе од 24 часа, тие протестираа пред домот на премиерот Бенјамин Нетанјаху. Демонстрантите, меѓу кои има и семејства на заложници, бараа договор за размена на заложници и најавија дека ќе останат пред куќата на Нетанјаху уште една ноќ за да протестираат против неодамнешната копнена офанзива на израелската армија во Газа, објави „Тајмс оф Израел“. Но, полицијата вчера ги растера и постави церада околу резиденцијата за да не може да се приближат.