Летото е во полн ек, туристите ги полнат апартманите, собите, викендичките и куќите за одмор, а со тоа расте и заработката од сезонскиот туризам. Но, од Управата за јавни приходи потсетуваат – кој заработува од издавање сместување, треба и да го пријави приходот.

Од УЈП велат дека во текот на летната сезона започнуваат со засилени активности за да се обезбеди ред на пазарот и исти правила за сите. Целта, како што посочуваат, не е само да се казнува, туку граѓаните навреме да бидат информирани и да знаат што им е обврска.

Под лупа ќе бидат приходите од краткорочно издавање на апартмани, станови, куќи, викендички, соби, но и други сезонски дејности поврзани со туризмот.

Од УЈП објаснуваат дека ќе работат во неколку насоки – ќе даваат упатства како правилно да се пријави доходот, ќе комуницираат директно со граѓаните, ќе разменуваат информации со други институции, но ќе прават и анализи и контроли таму каде што ќе има сомнежи за непријавени приходи.

– Не сакаме никој да биде затекнат неподготвен. На граѓаните им даваме можност навреме да ги исполнат своите обврски и да работат мирно и без грижи – порачуваат од Управата за јавни приходи.

Оттаму велат дека фер туризам значи сите да играат по исти правила. Додека едни сопственици редовно ги пријавуваат приходите и ги плаќаат обврските, велат од УЈП, не е во ред други да работат „на црно“ и да создаваат нелојална конкуренција.

Особено во летните месеци, кога побарувачката за сместување е најголема, многумина дополнително заработуваат преку издавање соби и апартмани. Токму затоа, апелираат од УЈП, секој што има приход од ваква дејност треба да биде свесен дека и тој приход подлежи на оданочување.

Од институцијата најавуваат дека контролите ќе продолжат, но ќе бидат насочени врз основа на процена на ризик, односно таму каде што ќе има индиции дека приходите не се пријавуваат.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ