Звукот на тапаните и зурлите се разлеа во саботата навечер низ гевгелиските улици, а над 200 млади играорци од три земји, фатени за рака го изиграа заедничкото оро, со што го означија почетокот на вториот по ред Меѓународен детски фестивал „Гевгелиска везилка“
– Културата нè обединува, а фолклорот нè потсетува кои сме – живо наследство што го носиме во срцето! Фолклорот е повеќе од игра и песна – тоа е јазик што ги спојува луѓето, срцата и културите без граници. Кога се игра со душа, сите сме едно – различни по традиција, но исти по љубовта кон фолклорот. Токму овде се раѓаат најубавите пријателства што траат засекогаш – истакна Игор Илиевски, претседател на Ансамблот „Бојмија“ кој ги пречека гостите, учесници на овој интересен фестивал.

По завршувањето на фестивалското дефиле, на сцената на Народниот театар присуствувавме на фолклорна вечер полна со бои, емоции и движења, вечер кога традицијата на три народи се сретна на една сцена, низ игра и музика. Пред присутните се редеа ора и песни правејќи убава музичка везилка помеѓу срцата на младите играорци и публиката.
– По прв пат сме во Гевгелија, градот е преубав, луѓето пријатни и се радуваме што сме дел од овој детски фолклорен фестивал.Верувајте ми, нема ништо поубаво од фолклорот кој ги спојува луѓето од сите страни во една голема музичка фамилија – не го криеше своето задоволство Славољуб Ќирковиќ од ансамблот „Соко Бања“ од Србија.
Неговата колешка, претседателката на ансамблот „Неретва“ од Јабланица, Босна и Херцеговина, го истакна долгогодишното пријателство помеѓу фолклорните друштва од Гевгелија и Јабланица.

– Веќе 18 години соработуваме со ансамблот „Бојмија“ тие доаѓаат кај нас, ние кај нив, и се надевам дека ова пријателство ќе трае уште долги години.Културата, фолклорот, традицијата и обичаите, тоа е она што ги спојува не само децата туку и нас возрасните – рече таа.
Публиката со воодушевување ги проследи изведбите исполнети со народна музика, песна и игра, кои го доловија богатството на балканското фолклорно наследство. и со аплаузи ги поддржаа најмладите чувари на фолклорната традиција.
(Љ. А.)












