Четвртиот извештај во сенка за поглавјето 27 укажува дека Македонија и во периодот 2024/2025 стагнира во приближувањето кон европските еколошки стандарди, и покрај донесувањето на новиот Закон за контрола на индустриските емисии, неговата одложена примена, недостигот од инспектори и слабите институционални капацитети оставаат сериозни сомнежи дека начелото „загадувачот плаќа“ ќе се спроведе во практика

 

Македонија не бележи значителен напредок во приближувањето кон европските стандарди за животната средина и за климатските промени, покажува четвртиот извештај во сенка за поглавјето 27 од платформата 27 – неформална мрежа на над 20 граѓански организации што работат на полето на заштита на животната средина и климатските промени, при што е опфатен периодот 2024/2025 година.

Извештајот насловен „Напредок во место“ констатира минимални или никакви промени во клучните сектори на животната средина.

– Периодот од последниот извештај во сенка – 2023 година, па сѐ до крајот на 2025, не го одбележа значаен напредок во поглавјето 27. Исклучок е само усогласувањето во потпоглавјето за индустриско загадување, каде што во септември беше усвоен новиот Закон за контрола на индустриски емисии – се наведува во извештајот на Центарот за климатски промени (ЦКП).

Анализата посочува дека загадувањето со ПМ 10 и со ПМ 2,5-честички останува над европските граници.

ДАРЕЖЛИВ ЗАКОН

Законот за контрола на индустриските емисии, целосно усогласен со европското законодавство, е донесен и објавен во „Службен весник“, но неговата примена е одложена за 2027 година, рок што, според експертите, е премногу дарежлив кон индустријата, имајќи предвид дека подготовката на Законот траеше со години.

Законот беше усогласен на крајот од 2024 година и доставен до Владата, а официјално е објавен во „Службен весник“ бр. 193/2025 од 18 септември 2025 година. Неговата примена ќе започне на 26 септември 2027 година.

Со новото законско решение се воведуваат европски стандарди за најдобрите достапни техники (НДТ), како и јавен регистар на сите индустриски постројки и нивните емисии. Првпат експлицитно се вградува начелото „загадувачот плаќа“, според кое секој што ќе предизвика загадување ќе мора да ги сноси трошоците за санација и да плати надоместок за направената штета врз животната средина.

Законот предвидува и нови обврски за операторите: по престанувањето со работа, тие ќе мора да го вратат земјиштето во задоволителна состојба и да спречат идни ризици од загадување. Компаниите што работат со опасни материи ќе бидат обврзани да изработат основен извештај за состојбата на почвата и на подземните води пред добивањето дозвола, со што ќе се утврди почетната состојба пред почетокот на активностите.

Сепак, дел од експертската јавност предупредува дека долгиот рок за примена практично им остава дополнително време на индустриските капацитети да го одложат инвестирањето во нови технологии за намалување на загадувањето, иако биле информирани за обврските уште во фазата на подготовка на Законот.

Контроверзии предизвикува и воведувањето на институтот „деловна тајна“, кој овозможува одредени податоци поврзани со технологијата, суровините и со процесите да бидат со ограничен пристап. Во моментов, Законот за животна средина не дозволува вакво скривање информации во постапката за добивање еколошка дозвола, па затоа вниманието е насочено кон најавените измени на овој Закон, кои допрва треба да влезат во собраниска процедура.

ЕКОЛОГИСТИТЕ СО КЛУЧНИ ЗАБЕЛЕШКИ

Од „Зелен хуман град“ со клучни забелешки за ризикот од прикривање податоци и недоволна контрола. Оттаму претходно предупредуваа дека новиот Закон за контрола на индустриските емисии создава сериозни ризици за животната средина и за здравјето на граѓаните, затоа што не содржи јавно 24/7 достапни податоци за индустриското загадување. Сметаат дека Законот не ги обврзува индустриските капацитети да објавуваат континуирани податоци за емисиите, што значи дека јавноста нема пристап до информации за реалното загадување.

Натаму, како што додаваат, компаниите имаат право да скријат информации за суровините, хемикалиите, процесите и активностите доколку ги класифицираат како деловна тајна. Според иницијативата, тоа практично дозволува прикривање дали се користат токсични материјали или отпад. Ја нагласуваат и можноста да се скријат информации за еколошки штети при затворањето инсталации. Се наведува дека Законот предвидува до шест месеци работа над дозволените граници, како и до 500 часа годишно со мониторинг што го врши самата индустрија, без независна контрола. Законски се ограничува учеството на јавноста во предлагањето техничко  подобрување за намалување на загадувањето.

НЕДОСТИГ НА КАПАЦИТЕТИ И НА ИНСПЕКТОРИ

Извештаите за 2024 и за 2025 година укажуваат дека најслаба алка во спроведувањето на законодавството за индустриско загадување остануваат техничките и административните капацитети. И на централно и на локално ниво, бројот на вработени задолжени за издавање интегрирани еколошки дозволи е исклучително мал. Во текот на 2024 година, во Министерството за животна средина и просторно планирање бил вработен само еден нов извршител.

Состојбата во општините е уште позагрижувачка: голем дел од нив немаат доволно стручен кадар, а дел дури немаат ниту основни ИТ- капацитети за редовно ажурирање на веб-страниците и за објавување на издадените Б интегрирани еколошки дозволи.

Дополнителен проблем е недостигот од инспектори за животна средина. На ниво на државата работат само 15 инспектори, а некои општини, меѓу кои и Битола, воопшто не се покриени, иако токму таму се наоѓа најголемиот индустриски загадувач, РЕК „Битола“. Обидите за нови вработувања во 2024 година пропаднале поради неодобрена согласност од Министерството за финансии.

ИНЦИДЕНТИ ШТО ГИ ОТКРИЈА СЛАБОСТИТЕ

Во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија се наведува  дека хаваријата во март 2025 година во рудникот „Тораница“, кога беше загадена Крива Река со опасни супстанции, откри сериозни пропусти во подготвеноста и протоколите на институциите. Слични слабости беа забележани и по пожарот во септември 2025 година, во објект за складирање и рециклирање батерии и електронски отпад во скопско Трубарево.

Овие случаи повторно го отворија прашањето за нетранспонирањето на SEVESO-директивата и за неподготвеноста на државата за справување со индустриски несреќи со висок ризик.

И покрај тоа што со години се повторуваат во извештаите, клучните препораки сè уште не се реализирани. Меѓу нив се централизација на инспекцискиот надзор,  промени во казнената политика, зајакнување на административните капацитети, појасни критериуми за изработка на еколошки дозволи и поголема транспарентност на општините.

Новото законодавство носи сериозен потенцијал за подобрување на контролата врз индустриското загадување, но експертите предупредуваат дека без итно зајакнување на институционалните капацитети и без доследна примена, европските стандарди ризикуваат да останат само формално исполнета обврска.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ