Книжевни средби со Румена Бужаровска и со Венко Андоновски; „Три“ на Саемот на книгата

28

Богата програма, големи попусти, распродажба, ​средби со автори и ​книжевни забави најавија од издавачкиот центар „Три“ за ​37. издание на Саемот на книгата, кое започнува на 8 мај, а ќе трае до 14. месецов.

– На овој Саем на книгата, на штандот ќе ве пречекаат многу (новитети од) домашни автори и преводи на светски бестселери, големи попусти до 80 % и понуда од над 600 наслови. Саемското искуство ќе биде збогатено со книжевни средби со ексклузивците на „Три“ и едни од најистакнатите македонски автори – Румена Бужаровска и Венко Андоновски, како и книжевни промоции, читања и музика – велат оттаму.

На Саемот, на 10 мај, на штандот ќе гостува Патриша Марш-Стефановска, авторка на историска фикција и публицистика, како и преведувачка, меѓу другото и на драмите на Горан Стефановски на англиски јазик. Нејзината книга „Наспроти мојата животна филозофија“ е прво издание на македонски јазик, а претставува мемоари за необјаснивото, кои не само што одблиску нè запознаваат со животите на нејзините блиски луѓе туку и нè водат подлабоко во невидливите нишки што нè спојуваат. „Тони“, првиот роман на Румена Бужаровска, доживува трето издание, а саемската средба со неа ќе биде на 9 мај. На 11 мај, читателите ќе се сретнат со писателот Венко Андоновски.

Од бестселерите што ги издала оваа издавачка куќа, ќе може да се најдат „Дневникот на еден извршен директор“ од Стивен Бартлет, „48 закони на моќта“ од Роберт Грин, „Луѓето од свадбата“ од Алисон Еспак и новитетот „Сѐ што знам за љубовта“ од Доли Олдертон.

ИЗДВОЕНИ