Луѓето ќе можат да живеат и да напредуваат на повеќето места на Земјата во догледна иднина, напиша милијардерот во отвореното писмо упатено до светските лидери во пресрет на климатскиот самит во Бразил. Јасно е дека спречувањето нуклеарна војна останува една од најитните одговорности на човештвото, вели експертот за егзистенцијални ризици, Рис Крили. Но, тој посочува дека климатските промени можат да ги зголемат тензиите меѓу државите со нуклеарно оружје бидејќи кризите предизвикани од суши, поплави или несигурност со храната лесно можат да се поврзат со постојните геополитички тензии
Милијардерот Бил Гејтс и основач на „Мајкрософт“ изјави дека климатските промени нема да доведат до пропаст на човештвото. И покрај тоа што инвестира милијарди во борбата против нив, тој сега ги повикува светските лидери да се фокусираат на други, поитни закани. Гејтс пред климатскиот самит КОП 30 во Бразил објави отворено писмо до лидерите во кое признава дека климатските промени најмногу ќе им наштетат на сиромашните популации, но ги отфрла сценаријата за апокалипса предизвикана од нив. „Луѓето ќе можат да живеат и да напредуваат на повеќето места на Земјата во догледна иднина“, напиша тој во писмото.
Според експертите за егзистенцијални ризици, меѓу заканите што би можеле да доведат до целосно исчезнување на човештвото е нуклеарната војна. Д-р Рис Крили, експерт за меѓународни односи од Универзитетот во Глазгов, ја објаснува клучната разлика со климатските промени во интервју за „Дејли мејл“.
– Климатските промени се случуваат со децении, а нуклеарната војна би можела да ја уништи цивилизацијата во рок од неколку часа. Климатските промени се бавна криза што веќе го менува нашиот свет, но ќе се влоши во иднина, додека нуклеарното оружје претставува можност за моментално, целосно уништување на планетата, рече тој.
Во арсеналот на нуклеарните сили има повеќе од 12.000 нуклеарни боеви глави, а тензиите меѓу земји како САД, Русија и Кина се зголемуваат.
– Овие ризици не се теоретски. Оружјето постои, тензиите меѓу државите со нуклеарно оружје се влошуваат, а се чини дека државите со нуклеарно оружје се повеќе подготвени да употребат сила за да го добијат она што го сакаат, а истовремено се закануваат дека ќе употребат нуклеарно оружје, предупредува Крили.
Научните модели покажуваат колку би била разорна таа катастрофа. Дури и „ограничен“ конфликт со само 100 боеви глави, помалку од она што може да го испука земја како Русија, би предизвикал нуклеарна зима. Атомските експлозии потпалуваат огромни пожари што вбризгуваат облаци од пепел и прашина во атмосферата, слично на ерупција на супервулкан. Современите климатски модели предвидуваат дека ова би ја блокирало сончевата светлина илјадници години, предизвикувајќи „мала нуклеарна ледена доба“. Глобалната температура паѓа за 10 Целзиусови степени речиси една деценија, уништувајќи го земјоделството и доведувајќи до недостиг на храна. Две милијарди луѓе починаа од глад за само две години, покажуваат истражувањата.
– Јасно е дека спречувањето на нуклеарна војна останува една од најитните одговорности на човештвото, заклучува Крили.
Покрај нуклеарното оружје, сè поголема загриженост предизвикува и конструираното биолошко оружје. Сега е можно да се создадат вируси или бактерии дизајнирани за максимална смртност, кои им се на дофат на терористички групи или на одметнати држави. Ото Бартен, основач на Опсерваторијата за егзистенцијални ризици, предупредува: „Иако природните пандемии остануваат многу сериозен ризик, многу е малку веројатно дека ќе предизвикаат целосно истребување. Сепак, пандемиите предизвикани од човекот би можеле да бидат специјално дизајнирани за да се максимизира ефикасноста, на начин што не се случува во природата.
– Дури и случајно истекување од лабораторија би можело да предизвика пандемија многу полоша од сè што сме виделе. Вештачката интелигенција дополнително го забрзува овој процес, правејќи го создавањето на „суперболести“ полесно од кога било, вели Бартен.
А што се однесува до новиот став на Бил Гејтс, слично размислува и експертот С. Ј. Бирд од Центарот за проучување на егзистенцијалниот ризик на Универзитетот во Кембриџ, кој тврди дека климатските промени секако претставуваат егзистенцијален ризик, „но не на начинот на кој ние замислуваме“.
– Не постои изводливо климатско сценарио во кое сите би умреле од топлотна исцрпеност или би се удавиле во океаните. Сепак, климатските промени сè уште можат индиректно да нè убијат, вели Бирд, објаснувајќи дека тие можат да ја дестабилизираат геополитичката ситуација и да предизвикаат Трета светска војна, можат да ги мотивираат луѓето да се вклучат во опасни експерименти со геоинженерство, можат да предизвикаат пандемии или можат да ги нарушат синџирите на снабдување со храна и другите синџири, доволно за да ја урнат глобалната економија.
Клири, пак, посочува дека климатските промени можат да ги зголемат тензиите меѓу државите со нуклеарно оружје, бидејќи кризите предизвикани од суши, поплави или несигурност со храната лесно можат да се поврзат со постојните геополитички тензии.












