Општина Кисела Вода доделува субвенции за набавка на пелети и печки на пелети. Ваквиот чекор, како што нагласуваат од Општината, го прават во насока на унапредување на енергетската ефикасност и поддршка на домаќинствата. За таа цел се објавени два јавни повика.
Субвенцијата за набавка на пелети изнесува 50% од вредноста, но не повеќе од 10.000 денари, додека за набавка на печки на пелети се надоместуваат исто така 50% од вредноста, но не повеќе од 20.000 денари, и во двата случаи со вклучен персонален данок на доход.
Право на учество имаат сопственици на куќи на територија на општината, кои немаат приклучок на централно парно греење и кои претходно не искористиле ваков вид субвенција. При аплицирање, потребно е да се достави документација што го потврдува сопствеништвото, лична идентификација, доказ за извршена набавка (фискална сметка, фактура и извод од банка) од 1.1.2025 година до завршување на јавниот повик, нотарски заверена изјава и пополнет образец кој може да се преземе од веб-страницата или од архивата на Општина Кисела Вода.
-Субвенционирањето на набавката на пелети и печки на пелети е дел од нашата заложба да обезбедиме конкретна поддршка за домаќинствата, за полесно и поквалитетно затоплување на нивните домови, но и за заштита на животната средина – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој ги повикува сите граѓани кои ги исполнуваат условите да аплицираат и да ја искористат оваа поддршка.
Барањата се поднесуваат во затворен плик преку Архивата на Општина Кисела Вода, по принципот „прв дојден, прв услужен“, сè до исцрпување на средствата или најдоцна до 31 октомври 2025 година.