– Во текот на 2026 година, Кичево ќе прерасне во целогодишна културна сцена, која достоинствено ќе ги открие богатото културно и историско наследство, мултикултурната традиција и живата современа творечка енергија. Градот ќе ја отвори својата душа преку разновидна програма, исполнета со фестивали на традиционална и на модерна музика, театарски изведби и гостувања, изложби и мултимедијални проекти, книжевни настани и поетски читања, филмски вечери и едукативни работилници. Ќе се реализираат и содржини што ги негуваат фолклорот и духовното наследство, како и иницијативи што ја поврзуваат културата со туризмот, создавајќи препознатливо и автентично искуство за сите посетители – истакна министерот Зоран Љутков на свеченоста што се одржа во салата на Советот на Општина Кичево по повод започнувањето на манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026“
– Денес го означуваме почетокот на културната мисија на Кичево како град на културата за 2026 година. Ова не е само титула туку е и признание за културната зрелост, истрајноста и за творечката енергија што ги носи овој град со децении. Кичево е град каде што хармонично се спојуваат традицијата и современоста, а културата не е привилегија, туку секојдневна вредност и жив дух на заедницата – рече министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на свеченоста што се одржа во салата на Советот на Општина Кичево по повод започнувањето на манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026“.
Како што додаде Љутков, за реализација на програмските активности, Министерството за култура и туризам обезбедило четири милиони денари, што ќе донесе квалитетна и разновидна програма, која во целост ќе го истакне културниот потенцијал на градот. Претходните години градовите прогласени за Град на културата добиваа средства од 1, 2 или 3 милиони денари.
– Во текот на 2026 година, Кичево ќе прерасне во целогодишна културна сцена, која достоинствено ќе ги открие богатото културно и историско наследство, мултикултурната традиција и живата современа творечка енергија. Градот ќе ја отвори својата душа преку разновидна програма, исполнета со фестивали на традиционална и на модерна музика, театарски изведби и гостувања, изложби и мултимедијални проекти, книжевни настани и поетски читања, филмски вечери и едукативни работилници. Ќе се реализираат и содржини што ги негуваат фолклорот и духовното наследство, како и иницијативи што ја поврзуваат културата со туризмот, создавајќи препознатливо и автентично искуство за сите посетители – истакна министерот, додавајќи дека целта е програмата да биде современа, динамична и отворена за сите генерации, обединувајќи ја заедницата околу заедничките културни вредности.
Посочи и дека Кичево треба да ја искористи оваа година и како можност за создавање нови партнерства, за отворање на институциите кон младите и за креирање културни содржини што ќе остават трајни вредности.
– Да ја претвориме 2026 во година на културна афирмација, година во која Кичево ќе биде препознаено како центар на креативноста, инспирацијата и на современата мисла. Културата е инспиративна творечка сила што поврзува и гради пат кон иднината. Нека оваа 2026 година биде доказ дека Кичево знае, умее и може да биде пример како се негува и развива културниот дух – додаде Љутков, заблагодарувајќи им се на градоначалникот Александар Јовановски, на целиот тим и на сите институции, здруженија, уметници и граѓани што придонеле Кичево да стане град на културата за 2026.

Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, пак, ја прогласи манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026 година“ за отворена.
– Ова признание е титула, чест, но и одговорност. Ова е признание за нашето богато културно наследство, за традицијата што се пренесува со векови од генерација на генерација, признание за современата креативна енергија што пулсира денес во секој агол на нашето Кичево. Кичево отсекогаш било раскрсница на култури, јазици и на традиции. Град во кој различноста не разделува, туку збогатува. Град во кој песната, играта, театарот, литературата и уметноста се дел од секојдневието. А денес со гордост можеме да кажеме дека Кичево е чувар на минатото и создавач на иднината – рече Јовановски.
Истакна дека оваа титула им припаѓа на сите – на културните институции, на уметниците, на ентузијастите, на образовните установи, на медиумите што ја пренесуваат оваа приказна и, пред сè, на граѓаните на Кичево.
– Да ја искористиме оваа година како можност да го покажеме најдоброто од нас. Да покажеме дека сме град со срце, со душа и со визија. Да покажеме дека Кичево знае да создава, да негува и да слави култура. Веруваме дека преку заедничка соработка ќе создадеме програма што ќе го позиционира Кичево како препознатлива културна дестинација во државата и пошироко – додаде Јовановски.
Културните проекти ќе се реализираат почнувајќи од 3 март па сè до 31 декември, кога ќе завршат со прославата на новогодишната ноќ.












