-Денес го означуваме почетокот на културната мисија на Кичево како Град на културата за 2026 година. Ова не е само титула, туку е признание за културната зрелост, истрајноста и творечката енергија што овој град ги носи со децении, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков на свеченоста која се одржа во салата на советот на општина Кичево по повод започнувањето на манифестацијата „Кичево – град на културата за 2026“.
Како што додаде, за реализација на програмските активности на манифестацијата „Кичево – Град на културата за 2026“, Министерството за култура и туризам обезбедило четири милиони денари што ќе донесе квалитетна и разновидна програма која во целост ќе го истакне културниот потенцијал на градот. Притоа, до крајот на годината во Кичево ќе се организираат над 150 настани, концерти, претстави изложби на локални и реномирани уметници.

-Во текот на 2026, Кичево ќе прерасне во целогодишна културна сцена, која достоинствено ќе ги открие богатото културно и историско наследство, мултикултурната традиција и живата современа творечка енергија. Градот ќе ја отвори својата душа преку разновидна програма, исполнета со фестивали на традиционална и модерна музика, театарски изведби и гостувања, изложби и мултимедијални проекти, книжевни настани и поетски читања, филмски вечери и едукативни работилници. Ќе се реализираат и содржини што ги негуваат фолклорот и духовното наследство, како и иницијативи што ја поврзуваат културата со туризмот, создавајќи препознатливо и автентично искуство за сите посетители, истакна министерот додавајќи дека целта е програмата да биде современа, динамична и отворена за сите генерации, обединувајќи ја заедницата околу заедничките културни вредности.
Градоначалникот на Општина Кичево, Александар Јовановски, пак, истакна дека ова признание е титула, чест, но и одговорност.
-Ова е признание за нашето богато културно наследство, за традицијата што со векови се пренесува од генерација на генерација, признание за современата креативна енергија што денес пулсира во секој агол на нашето Кичево. Кичево отсекогаш било раскрсница на култури, јазици и традиции. Град во кој различностите не разделуваат, туку збогатуваат. Град во кој песната, играта, театарот, литературата и уметноста се дел од секојдневието. А денес, со гордост можеме да кажеме дека Кичево е чувар на минатото, и создавач на иднината, рече Јовановски.












