Полемика околу тоа што ќе се гради на местото на некогаш познатиот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк, кој беше урнат деновиве. На неодамнешната средба со новинарите, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе се прави детско катче на тоа место, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување по повод 100 дена од својот втор мандат рече дека тој е за да се обнови не само „Езерце“ туку и „Кермес“. Тој објасни дека Општина Центар е сопственик на земјиштето кај „Езерце“ и оти ја има маркичката, но оти надлежноста над Градскиот парк ја има Град Скопје, освен над Паркот на франкофонијата, кој, исто така, е на Општината.
– Претходно се правеа идејни решенија за тоа каков би бил изгледот на новото „Езерце“, но сè уште е во постапка донесувањето на ДУП за тој дел од Градскиот парк. Имаме повеќе размислувања, но дефинитивно не сме одлучиле кое би било – изјави Герасимовски
Полемика околу тоа што ќе се гради на местото на некогаш познатиот ресторан „Езерце“ во Градскиот парк, кој беше урнат деновиве. На неодамнешната средба со новинарите, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе се прави детско катче на тоа место, а градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во телевизиско гостување по повод 100 дена од својот втор мандат рече дека тој е за да се обнови не само „Езерце“ туку и „Кермес“.
– Јас сум да се направат и „Езерце“ и „Кермес“, бидејќи тие се имиџ на Центар. Би сакал да се вратат во функција – нагласи Герасимовски.
Тој објасни дека Општина Центар е сопственик на земјиштето кај „Езерце“ и оти ја има маркичката, но оти надлежноста над Градскиот парк ја има Град Скопје, освен над Паркот на франкофонијата, кој, исто така, е на Општината.
– Претходно се правеа идејни решенија за тоа каков би бил изгледот на новото „Езерце“, но сè уште е во постапка донесувањето на ДУП за тој дел од Градскиот парк. Имаме повеќе размислувања, но дефинитивно не сме одлучиле кое би било – изјави Герасимовски.
На прашањето за тоа дека граѓаните стравуваат од бетонизација на најголемата зелена оаза во Скопје, тој е дециден дека нема да се случи такво нешто, но останува непознато како би се извело тоа.
Меѓу другото, Герасимовски посочи дека првите 100 дена од неговиот мандат започнале со конкретни инфраструктурни зафати и со реализација на ветените проекти. Меѓу првите активности, тој ја спомена реконструкцијата на улицата „Мирослав Крлежа“, на потегот од Министерството за култура до булеварот „Партизански одреди“, во Дебар Маало, што се реализира во соработка со Светската банка и претставува значаен инфраструктурен зафат за овој дел од Центар. Според него, реконструкцијата ќе се одвива етапно и ќе опфати целосна обнова на коловозот и на инфраструктурата.
Тој најави дека наскоро ќе започне и реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова“, кој ќе биде продолжение на веќе реконструираниот прв дел, со што целосно ќе се заокружи обновата на оваа значајна сообраќајница во Центар.
Меѓу клучните капитални проекти што следуваат се и изградба на нова граѓанско-административна зграда, нова градинка и нов дом за пензионери. Градоначалникот информираше и дека Општината добила позитивно мислење од Министерството за здравство да ѝ ја додели парцелата на која е предвидена изградба на дом за стари лица.
Тој изрази уверување дека реализацијата на домот за стари лица ќе започне во текот на следната година.
– Покрај инфраструктурните зафати, Општина Центар продолжува и со реализацијата на ветените програмски мерки како што се центарска картичка, бесплатен здрав оброк за учениците, екскурзии за запознавање на татковината и други проекти креирани во соработка со граѓаните – нагласи Герасимовски.
Тој објасни дека бесплатните оброк и екскурзии ќе се реализираат од наредната учебна година.
– Се разгледуваат сите опции, бидејќи училиштата имаат склучени договори со одредени кујни. Целта не е само да има бесплатен оброк туку и тој да биде здрав – вели Герасимовски.
Бесплатен оброк ќе добиваат учениците од прво до четврто одделение, додека бесплатните екскурзии ќе бидат за учениците од петто до деветто одделение.
Меѓу другото, Герасимовски извести и дека целосно реконструираната спортска сала „Работнички“, која завчера свечено беше пуштена во употреба, ќе го носи името на легендарниот тренер, Лазар Лечиќ. Тој додаде дека на следната седница на Советот на Општина Центар ќе ја предложи точката салата официјално да биде именувана „Лазар Лечиќ“.
Предлогот, како што рече, произлегол од иницијатива на ветераните на КК „Работнички“ и на спортската јавност, кои инсистирале името на салата да ги продолжи духот и традицијата на клубот.
(А. П.)












