понеделник, февруари 23, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се урнат околу 80 дивопоставени објекти во повеќе скопски општини

Ќе се урнат околу 80 дивопоставени објекти во повеќе скопски општини

76

Град Скопје веќе почнал да ги доставува решенијата за отстранување на дивопоставените објекти во градот што, низ годините, биле без соодветна документација, узурпирајќи јавни површини, велосипедски и пешачки патеки, како и зелени зони.

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, во медиумско гостување соопшти дека бројот на времени објекти што ќе се отстрануваат изнесува меѓу 60 и 80 во повеќе скопски општини, набројувајќи ги Чаир, Центар и Карпош и додавајќи дека сите поднесени барања за легализација на овие објекти ќе бидат одбиени, бидејќи Законот за легализација не важи за времените објекти.

– Вие не можете да дозволите на булевар да се легализира времен објект и согласно со закон, не може да се легализира времен објект. Во минатото се менувале и урбанистички планови за да останат овие објекти недопрени – рече Ѓорѓиевски.

Тој изјави дека им се дозволило на дел од овие времени објекти да узурпираат државно земјиште без да поседуваат никакво одобрение, се вршеле незаконски препродажби и истакна дека Градот е подготвен да им помогне на општините во нивното отстранување и, како што вели, да ја заврши работата докрај и по цена да се соочи со политичка штета.

– На овие луѓе им се дозволило да узурпираат државна површина, овие објекти се незаконски и блокираат тротоари, паркови и пешачки патеки и паркинзи без никакво одобрение. Се купувало и препродавало без документи и во најголем случај, тие објекти се издавале, сето тоа било незаконски. Токму затоа сум подготвен да го терам ова докрај и по цена да имам политичка штета. Токму затоа имаме направено меморандум за соработка со општините и донесовме одлуки за меѓуопштинска соработка, со која, доколку се работи за индустриски објект, киоск или слично, за кое општините не се во можност да постапат, а уредно имаат направено записник и одлука за постапување, таму Градот, ЈП „Улици и патишта“ и другите претпријатија ќе им стојат на располагање – соопшти првиот човек на Град Скопје.

Претходно, скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави засилени акции за отстранување на таквите објекти.

– За уривањето времени објекти дискутирав уште кога бев градоначалник на Кисела Вода, земајќи предвид дека визуелно градот не може да дојде до израз, но и практично граѓаните не може да движат низ градот. Овој проблем не е од вчера, туку постои уште од пред осамостојувањето на Македонија, а некои се монтирани подоцна – изјави Ѓорѓиевски во телевизиско гостување.

Минатата недела, тој најави дека ќе се отстрани познатото „Али тобако“ на Бит-пазар, поставено директно на велосипедска и пешачка патека, што, според него, го отежнува нормалното функционирање на просторот и претставува ризик за граѓаните.

Први времени објекти што ги отстрани Градот во соработка со Општина Центар беа угостителските објекти и киосците покрај кејот на Вардар, спроти хотелот „Холидеј ин“.

Со оваа акција целосно се промени добропознатиот, дотогаш узурпиран, изглед што го имаше шеталиштето на Вардар, објектите се срамнети со земја и шутот е исчистен, но на овој простор оттогаш „стрчи“ само еден зелен објект, кој ја „преживеа“ големата градежна акција.

Според градоначалникот, овој објект сѐ уште не е урнат бидејќи сопственикот поднел барање за легализација во Општина Центар, кое му било одбиено. Но, по завршувањето на законскиот рок, зелената барака ќе биде урната, со што ќе биде финализирана оваа акција и кејот ќе биде целосно ослободен од објекти.

 

ИЗДВОЕНИ