петок, јули 3, 2026
Дома СКОПСКА Ќе се реконструираат улиците „Радишанска“ и „Бутелска“, нова водоводна мрежа за Нерези

Ќе се реконструираат улиците „Радишанска“ и „Бутелска“, нова водоводна мрежа за Нерези

1

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека ќе почне реконструкцијата на улиците „Радишанска“ и „Бутелска“, на територијата на Општина Бутел.

– Она што го ветивме со градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, пред бутелчани, а со години беше едно од најголемите нивни барања, наскоро станува реалност – објави Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Тој информираше дека во рамките на проектот ќе бидат реконструирани повеќе од 2,2 километри улици, ќе се изгради нов асфалтен коловоз и ќе се обноват речиси 4 километри тротоари, со што значително ќе се подобрат условите за движење на пешаците, возачите и на сите учесници во сообраќајот.

– Особено важен дел од оваа инвестиција е изградбата на нова атмосферска канализација во должина од 1.200 метри, како и одвојувањето на фекалната од атмосферската канализациска мрежа. Со тоа создаваме поефикасен систем за прифаќање и одведување на дождовните води и значително го намалуваме ризикот од поплавување на улиците, домовите и на деловните објекти при обилни врнежи – оцени Ѓорѓиевски.

Тој наведе дека со реконструкцијата на улиците „Радишанска“ и „Бутелска“, се инвестира во поквалитетна, побезбедна и помодерна инфраструктура за граѓаните.

– Ова е трајно решавање на проблеми што со години им го отежнуваа секојдневието на жителите од овој дел на Скопје – нагласи Ѓорѓиевски.

Според него, се реализираат инфраструктурни проекти што не го менуваат само изгледот на улиците туку го менуваат и квалитетот на живот на граѓаните.

Воедно, тој дополнително истакна дека е во завршна фаза и мегапаркот во Бутел, со што, како што рече, од едно запуштено место создаваат нови бели дробови за овој дел од Скопје.

Информираше и дека активностите за поставување нова водоводна мрежа за жителите на Нерези се одвиваат според предвидената динамика.

Ѓорѓиевски истакна дека станува збор за проблем што со години го чувствувале жителите од овој дел на Скопје, поточно слаб притисок на водата, чести дефекти и инфраструктура што одамна го надминала својот век на употреба.

– По неколку децении, жителите на Нерези, конечно, ќе добијат сигурна, модерна и квалитетна водоводна мрежа, чиста вода за пиење и нормален притисок во своите домови. Ова е решавање на реален проблем, директно подобрување на секојдневниот живот на граѓаните – наведе Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека по завршувањето на градежните активности, ќе следува асфалтирање на улицата, со што просторот ќе добие целосно нов и уреден лик.

(А. П.)

ИЗДВОЕНИ