Започнува реконструкцијата на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје, инвестиција вредна 92,7 милиони денари без ДДВ, со која се предвидува подобрување на условите за пациентите и за медицинскиот персонал, како и значително зголемување на енергетската ефикасност на објектите. За реализација на проектот е потпишан договор за грант меѓу Министерството за финансии и Министерството за здравство за потпроектот „Реконструкција на ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација – Скопје со мерки за енергетска ефикасност“.
Проектот ќе се реализира преку проектната единица при Министерството за финансии, со грант-средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF). Реконструкцијата е дел од компонентата 1б од проектот, која опфаќа реконструкција со мерки за енергетска ефикасност на објекти на централната власт и на јавни здравствени установи.
Со проектот ќе бидат опфатени осум меѓусебно поврзани објекти со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри. Предвидено е поставување термичка изолација на фасадите и на покривните конструкции, како и замена на постојната дотраена столарија со нова, енергетски ефикасна столарија.
Во рамките на градежните активности ќе се санираат делови од објектите и санитарните јазли, а постојното осветлување ќе биде заменето со современи енергетски ефикасни ЛЕД-системи. Ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори. Со тоа ќе биде заменет досегашниот систем за загревање на мазут, што треба да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и на трошоците за функционирање на установата, како и за намалување на негативното влијание врз животната средина.
Со инвестицијата се предвидуваат подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал и поквалитетни услови за престој, третман и лекување на пациентите.












