Со дел од милијардите што ќе ги добие Македонија од Обединетото Кралство, согласно со договорот за стратешко партнерство, ќе се гради нов колосек и ќе се реконструира постојниот од пругата од коридорот 10, а со кој ќе се овозможи движење на патничките возови со брзини до 160 и на товарните со 120 километри на час. Македонија очекува да има економски придобивки особено од товарниот сообраќај, заради брз пренос на стоките од грчките пристаништа во Солун, Атина, Александропулос и во Кавала кон европските дестинации.  

Тој најави дека паралелно со изградбата на пругата, ќе се реконструира и централната Железничка станица во Скопје, како и изградба на пруга до Меѓународниот аеродром „Скопје“. Исто така, есенва ќе почне целосната реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје што ќе биде во состав на градскиот воз, а воедно ќе се реконструира и Железничката станица во Скопје  

Изградба на нов колосек и реконструкција и модернизација на постојниот колосек на пругата од Коридорот 10 е намерата на Македонија да инвестира дел од милијардите што ќе ги добие нашата земја од Обединетото Кралство, согласно со договорот за стратешко партнерство што треба да се потпише деновиве. На тој начин ќе добиеме двоколосечна пруга, која ќе овозможи патничките возови да се движат со брзини до 160 километри на час, а товарните до 120 километри на час. Македонија очекува да има економски придобивки особено од товарниот сообраќај, заради брз пренос на стоките од грчките пристаништа во Солун, Атина, Александропулос и во Кавала кон европските дестинации.

Според генералниот директор на „Македонски железници –Инфраструктура“, Синиша Ивановски, предвидено е да се гради паралелната пруга по правилата за проектирање и изградба, односно изведувачот во исто време да проектира и да гради, нешто што се применува во САД, Велика Британија, Германија, Франција, Израел  Јапонија, Швајцарија, Шведска, Норвешка, Данска, Австралија.

– Пругата ќе биде целосно електрифицирана со современи системи за сигнализација и контрола на сообраќајот по стандардот ETCS (European Train Control System), со акцент на безбедноста на патниците и на патните премини покрај Коридорот 10, ќе се трудиме сериозно да го намалиме нивниот број – рече Ивановски. 

Според него, по потпишувањето на договорот со Обединетото Кралство, ќе треба период од 9 месеци за да се направат предфизибилити и физибилити студија, како и студија за заштита на животната средина.

– Потоа ќе распишеме тендер за изведувач, во меѓувреме ќе оспособиме некои пруги за да може побрзо да се движат возовите. Рокот во кој ќе очекуваме да бидат завршени градежните работи е 5 години од моментот на потпишувањето на договорот за изведувач. Овој рок ќе биде дополнително прецизиран, но ова е временската рамка на очекувањата. Очекувам да се почне со градежните активности на терен доцна оваа есен или на почетокот од зимата – истакна директорот Ивановски.

Тој најави дека паралелно со изградбата на пругата ќе се реконструира и централната Железничка станица во Скопје, како и изградба на пруга до Меѓународниот аеродром „Скопје“. Исто така, есенва ќе почне целосната реконструкција на делот од железничката пруга од Драчево до Илинден, како и делот од Зелениково до Скопје, кој ќе биде во состав на градскиот воз, а воедно ќе се реконструира и Железничката станица во Скопје.

– Со преземените активности и со целосните модернизација и изградба на новата пруга планираме повторно да ја вратиме Македонија на железничката мапа. Македонија има одлична инфраструктурна, географска и стратешка позиционираност, а товарниот железнички сообраќај може да биде еден од главните двигатели на економскиот развој – рече Ивановски.

Тој потенцира дека во земјава, Коридорот 10 се одвива по текот на реката Вардар, во должина од околу 230 километри. Моменталната пруга е со еден колосек на кој се одвиваат и товарниот и патничкиот сообраќај. Пуштена е во употреба во 1873 година и досега претрпела измени, надградби и ремонти.

Со дефинирањето на изградбата на уште еден колосек на постојната траса покрај текот на реката Вардар, Ивановски рече дека отпаднала опцијата за изградба на нова двоколосечна пруга по нова траса, која ја најавуваше министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.

Бугарија треба да пробие само 1,5 километри тунел, ама не ѝ се работи!

Македонија ѝ дава предност на пругата од Коридорот 10, затоа што може да има најголем економски бенефит за државата, бидејќи целата стока од грчките пристаништа кон Европа се превезува токму преку тој коридор. Истовремено, не се откажува од пругата од Коридорот 8 кон Бугарија, но, од другата страна, нема соодветен одговор, истакна директорот на „МЖ – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, на новинарско прашање.

– Од македонска страна има желба и се преземаат конкретни активности за изградба на пругата од Коридорот 8 кон Бугарија, но нема одговор од другата страна. На Коридорот 8 веќе е завршена првата секција од Куманово до Бељаковце, се работи на трасата од Бељаковце до Крива Паланка и има прогрес од околу 30 отсто, а третиот дел од Крива Паланка до граница со Бугарија сè уште е предмет на дискусии – нагласи Ивановски.

Во многуте средби што ги имал со своите колеги од „Инфраструктура железница“ на Бугарија, биле усвоени ставови дека мора да биде пробиен тунелот само од една страна и на техничко ниво има решение што им одговара на двете страни.

– Кога доаѓа политичкиот момент, желбата, изгледа, постои само на една страна. Ние работиме на терен и веќе инвестираме сериозни средства за да се пробие пругата до Бугарија, додека во Бугарија, за жал, во овој момент нема градежни активности. Освен што треба да го пробијат тунелот од 1,5 километри, треба да направат само 500 метри пруга до станицата Ѓуешево, а, покрај тоа, во лоша состојба е и пругата од Софија до Ѓуешево. Сè додека работиме ние, а Бугарија не гради ништо и ги избегнува десетиците покани што јас лично ги пратив за средба, сметам дека имаме неуспешна приказна за двете страни – рече Ивановски.

За делот од пругата од Коридорот 8 кон Албанија, Ивановски нагласи дека поголем проблем е насоката што се чека од УНЕСКО за Охридското Езеро, за што Македонија заедно со Албанија користи грант од еден милион евра за изнаоѓање техничко решение.

– Има заедничко партнерство меѓу двете држави и ќе го активираме пролетва. Ако сè биде како што треба, за пет до шест години отсега треба да имаме завршен основен проект и да може да се гради пругата од Кичево кон Струга, а потоа и од Струга кон Лин – рече Ивановски и додаде дека на Албанија во моментов приоритет ѝ е изградбата на пруга кон Црна Гора.

Тој истакна дека „МЖ – Инфраструктура“ има негативен годишен финансиски извештај, но претпријатието не должи финансиски средства кон коминтенти, а загубата е поради големата ставка на амортизација.

– Долгови немаме повеќе од 10 до 15 милиони денари како „МЖ – Инфраструктура“ кон коминтентите, набавувачите и кон секој со кого соработуваме – рече Ивановски.

(С. Бл.)

 

 

 

ИЗДВОЕНИ