Завршниот збор во името на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски за двојното убиство од пред две години на детето Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот Панче Жежовски од Велес го кажаа нивните адвокати. Во петок последен збор е планиран за Љупчо Палевски и неговиот адвокат, по што се очекува брзо донесување на пресудата од процесот кој трае речиси една година. |
Горан Бошевски, бранителот на Велибор Манев, побара од судот да го ослободи од обвиненијата за убиствата, а да го казни само за грабнувањата на Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски. Потсети дека во почетокот на постапката обвинетиот Манев се изјаснил за невин за убиствата, додека грабнувањето го признал и опишал во целост. „Соизвршител за убиство може да биде само некој кој се договорил дека ќе бидат убиени лица. Тој немал претходен договор со другите обвинети за такви кривични дела, нема умисла за убиства“, кажа адвокатот Бошевски и го повтори признанието на Манев во делот кога Палевски немилосрдно пукал во двете жртви.
„Го извадиле Панче, Велибор тргнал да го одврзува, Палевски во тој момент му испукал куршум. Го прашал Палески зошто, дека не бил таков планот, тој му рекол дека така е чисто. Велибор, пак, се побунил, а Палевски му се заканил: „Да не си расипуваме пријателство, имаш убава фамилија“. Одбраната на Манев и во завршниот збор останува на теоријата дека Вања била грешка, и оти требало да грабнат повозрасна жена од бизнисменско семејство.
Боре ја соборил, а Велибор ѝ ја залепил лентата на устата, телефонот го искршиле по пат. „Кога стигнале, Палевски ја прашал како се вика, кои ѝ се татко и мајка. Ја извадиле, го тргнале селотејпот, го виделе и школскиот ранец и тогаш виделе дека е дете. Манев и Видевски му рекле дека е дете, да ја пуштат, дека носат маски и дека не ги видела.
Но, Палевски низ перниче ја убил со пиштол. Извадил копач од „кангуто“ и им наредил на Манев и на Видевски да ископаат дупка. Тие ја ископале дупката и ја закопале Вања. Палевски ги избришал рачките од алатот со WD-40. После го однеле „цитроенот“ на ливада во близина и Палевски го запалил. Сите продолжиле со „реното“ кон седиштето на Десна. По пат Кешишев ги фрлил лопатите – рече Бошевски.
Боре е „монтировка“ поради лошата истрага
Адвокатот на обвинетиот, Боре Видевски, побара од Судот да го ослободи од вина бидејќи обвинителството нема доказ дека учествувал во грабнувањето на жртвите. Според него, Боре е жртва на оваа „буквална монтировка на која ќе ѝ дојде крајот со изрекувањето на пресудата која, ако се темели на основите на правото на уставот и законите на оваа земја, мора да биде ослободителна.“ Адвокатот кажа дека Видевски е татко на две ќерки и преку карате тренинзите учествува во воспитување на други деца, а полицијата и обвинителството го обвинува за грозоморен случај од кој таков човек би се срамел. „Од сето ова што го видовме изминативе 20 месеци, се покажа дека самото Јавно обвинителство не може да состави правилно и квалитетно обвинение и талка низ предметот, презентирајќи и кажувајќи работи кои се далеку од вистината. Нема одговор кои се вистинските сторители, зошто се убиени Панче и Вања и зошто се обвинети обвинетите. Истрагата е водена од погрешни луѓе и затоа изобилува со пропусти кои не може да доведат до вистината кој ги уби двете жртви и зошто овие лица се обвинети? – рече адвокатот Бојан Манев во завршните зборови, кој истрагата ја нарече површна, а процесот конструкција за која ќе се пишува во учебниците по право.
Пред судот го повтори исказот на Боре дека признанието му било изнудено со ќотек во полициска станица. „Со еден поглед се гледа дека признанијата се со идентични зборови, што значи дека тоа се однапред подготвени описи на дејствата, само во записниците се сменети имињата на обвинетите. А зошто? Затоа што до тој момент полицајците немале ништо, а требало да презентираат нешто пред јавноста“, продолжи адвокатот чиј клиент во целост негира учество со останатите. Праша зошто не е прифатена снимката од бензиската во Велес, која ја набавил сведокот Гоце Трајковски, а на која се гледа како Панче точи бензин, и замислете час и половина откако е убиен, како што тврди обвинителството.
Кешишев е заложник и жртва во корист на туѓи идеи и интереси
И адвокатот на Влатко Кешишев побара ослободителна пресуда бидејќи не учествувал во делата, а изразил и каење за тоа што ги чекал обвинетите во автомобилот за време на убиствата. „Ако не бил товарот на совеста на обвинетиот, немало да бидат пронајдени ниту телата на убиените, односно, со негов особен придонес при распитот пред полициските службеници го посочил местото на закопувањето на оштетените“, адвокатот Ефремов смета дека обвинетиот е заложник и жртва во корист на туѓи идеи и интереси. Дејствувал на база на наредби, без да бара објаснување од Палевски. Не бил ни свесен дека, всушност, ќе биде грабнато малолетно лице. Никогаш не му било кажано од никого, ниту, пак, учествувал во какви било разговори кои би се одвивале за можно убиство на кого било, заврши адвокатот.
Му го убија детето, сега сакаат да му го одземат достоинството
Во својот завршен збор, адвокатот на Александар Ѓорчевски рече дека тезата на обвинителството дека помогнал во грабнувањето на своето дете не само што не била докажана туку и неприфатлива. Побара ослободителна пресуда, како единствена праведна судска одлука во случај каде, според него, не постои ниту мотив, ниту дејство, ниту доказ за вина. Таткото во оваа трагедија не смее да биде жртвено јагне, повика Владимир Туфегџиќ. Го отфрла тврдењето на обвинителството дека, иако нема докази за комуникација меѓу Александар Ѓорчевски и првообвинетиот Љупчо Палевски, таа „сепак постоела“, само што била избришана или скриена. „Тоа е опасен преседан – обвинителството не докажува вина, туку претпоставува вина. Тоа не е правда, тоа е фикција.
Телефоните на Александар се форензички вештачени и нема ни трага, ни запис, ни бришан доказ за контакт со Палевски. Тогаш на што се темели обвинението? – праша Туфегџиќ. Тој повика да се признае вистинската улога на Александар во овој случај – не како сторител, туку како оштетен и како жртва. „Изгуби дете. И сега некој сака да му го одземе и достоинството. Тоа не смее да се дозволи. Овој човек, неговата сопруга Зорица, целото нивно семејство – тие се жртви. Не се соучесници. Немаат никаква корист. Имаат само болка“ – истакна Туфегџиќ. (П.А.)